Еди Рама до Иванов: Без Албанците нема Македонија

Албанскиот премиер Еди Рама во реакцијата на својот профил на Фејсбук, во врска со ставовите на македонскиот претседател Ѓорге Иванов за законот за употреба на јазиците, кој Собранието го усвои во средата без амандманска расправа, порача дека без Албанците нема Македонија.

Рама, како што пренесуваат медиумите, „го потсетил“ Иванов дека албанскиот јазик не е јазик на непријател, туку на Албанците кои се државотворен народ во Македонија.

– Господине Иванов, албанскиот јазик не е јазик на непријателот, туку е јазик на државотворен народ во Македонија. Без Албанците нема Македонија, почитуван претседателе – напиша Рама на Фејсбук.

Претходно, по првото изгласување на законот, тој се пофали дека истиот е донесен благодарение на неговата влада.

– Во македонското Собрание помина законот кој не можеше ни да се замисли пред некое време. Јас ви велам дека сите вие треба да бидете горди, треба да бидат горди сите тие што гласаа, ја поддржаа и веруваа во оваа партија, бидејќи без неа денеска немаше да постои официјален албански јазик во Македонија – изјави тогаш Рама.

Според него, усвојувањето на законот претставува „историско постигнување за Албанците, што ја демократизира и зајакнува самата Македонија“.