„Егзит“ вторпат најдобар во Европа


Фестивалот „Егзит“ е официјално најдобар фестивал во Европа, објавено е синоќа на доделувањето на Европските фестивалски награди во Холандија. „Егзит“ победи во главната категорија во конкуренција со вртоглави 350 фестивали од повеќе од 35 земји, со повеќе од еден милион гласа од публиката и мислењето на стручното жири составено од најеминентните луѓе од светската музичка индустрија. Фестивалите на „Егзит“ беа во финалето во дури шест категории, а самиот фетивал „Егзит“ во рекордни три категории, вклучувајќи ја и освоената награда за најдобар европски фестивал, како и категориите за најдобар фестивалски организатор во Европа и „Take a Stand“ за општествен активизам.

– Навистина е неверојатен успех по само четири години повторно да се освои најважната фестивалска награда на светот. И тоа во најтешката категорија, каде што се најголемите европски и светски фестивали со буџети и над десет пати поголеми од нашиот. Со ова „Егзит летото на љубовта 2017“, кое се состоеше од четири фестивали во Нови Сад, Умаг, Будва и Темишвар, со преку 350.000 посетители, запишано е со златни букви во светската фестивалска историја. Токму на Балканот му ја посветуваме оваа награда со желба фестивалите на „Егзит“, сега веќе пет, во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Романија, да придонесат во нашиот регион да се шират пораките за љубов и пријателство. Исклучителната година е зад нас, а во оваа пред нас имаме уште поголеми планови кои сега ќе биде многу полесно да се претворат во стварност – изјави Душан Ковачевиќ, основачот на фестивалот „Егзит“.

„Егзит“ во конкуренцијата за главната награда беше со другите европски фестивалски гиганти, како што се „Гластонбери“, „Роскилде“, „Тумороленд“, „Сигет“, „Лоулендс“ и многу други. Ова е втора по ред шампионска титула што „Егзит“ ја освои на Европските фестивалски награди уште од нивното оформување во 2010 година, а секоја година е во најтесниот избор за најдобрите европски фестивали.

Претходно, „Егзит“ ја освои наградата за најдобар голем европски фестивал на Европските фестивалски награди за 2013 година, додека во 2007 беше изгласан за најдобар европски фестивал надвор од Велика Британија од страна на Британските фестивалски награди.

Рагенбоун Мен прогласен за европска ѕвезда

На завчерашното доделување на наградите за најдобра нова музичка ѕвезда во Европа беше прогласен Рагенбоун Мен. Победниците ги избира публиката од цела Европа, заедно со стручното жири, кое го сочинуваат истакнати поединци од светот на фестивалската индустрија, а листата на добитници се наоѓа на официјалната интернет-страница.

За една влезница, добивате пет фестивали

Поради огромниот број пораки од фановите на социјалните мрежи, најголемата празнична акција „1 влезница = 5 фестивали“ е продолжена до 26 јануари. Тоа значи дека за годинешното издание на фестивалот „Егзит слобода“, кој е сочинет од пет фестивали, може да набавите една влезница по цена од 3.580 денари.
Со купената влезница до 26 јануари добивате влез на петте фестивали во пет различни земји, и тоа „Егзит“ во Нови Сад, „Фестивал 84“ во Јахорина, „Си стар“ во Умаг, „Револушн“ во Темишвар и „Си денс“ во Будва. Заинтересираните Македонци влезниците може да ги набават во „Југотон“ (Скопје, ГТЦ, 1 кат), а на интернет-страницата на официјалната туристичка агенција Exittrip.org достапни се и туристички пакети кои покрај влезница, содржат и опции за сместување и превоз.