Европската парична поддршка за македонски филмови може подобро да се искористи


Креативците од областа на аудиовизуелните дејности имаат можност да добијат финансиска поддршка за своите проекти од „Медиа“, која е потпрограма на „Креативна Европа“ од Европската комисија. Македонија веќе три години по ред е дел од оваа потпрограма и како „Медиа деск МК“ повикуваат сите заинтересирани од областа на аудиовизуелните индустрии подобро да се информираат доколку сакаат нивни проект да биде поддржан.

Како што информираше раководителката на „Медиа деск МК“, Бистра Георгиева, во текот на една година има неколку повици за поддршка на различни сегменти.
– Апликациите често се сложени со високи критериуми, но ништо не е невозможно. Ние сме отворени да помогнеме околу информирањето на сите филмаџии, продуценти, како и заинтересирани за создавање видеоигри. Нашата цел е да дадеме совети за можностите на финансирање проекти, новости за конкурси, помош за развој на проект, подготовка на апликацијата, наоѓање на меѓународни партнерства. Отворени сме и за индивидуални консултации и тековни информативни и едукативни настани – вели Георгиева..
Од централната канцеларија „Медиа“ во Брисел годишно се поддржуваат околу 400 филмови. Дури 18 филма, кои беа со поддршка од оваа програма, годинава беа на Канскиот филмски фестивал, а четири филма и во главната селекција. Шест филма и една телевизиска серија учествуваа и на Венецискиот филмски фестивал.
Георгиева вели дека бројот на апликации од Македонија не е обемен, но тоа може да се подобри. Од домашните филмски фестивали досега поддржани се „Браќа Манаки“ и „Македокс“, филмови на режисерите Игор Иванов-Изи и Теона Стругар Митевска, како и дистрибуција и онјлан филмска платформа.
Македонија официјално пристапи во потпрограмата „Медиа“ во јули 2015 година, а „Медиа деск МК“ започна со работа во април 2016 година во рамките на Агенцијата за филм. За овие три години од Македонија се поддржани неколку проекти со буџет од 600 илјади евра. (И.Н.)