ДУИ бара укинување на патните трошоци, СДСМ бара да се намалат на 33 отсто

Членовите на собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска едногласно изгласаа ги измените на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, со кои се предвидува намалување на средствата за патни трошоци за 33 проценти на пратениците и другите именувани и избрани лица.

Пратеничката од ДУИ, Мирсада Емини Асани, гласаше за законот, иако нејзиниот партиски колега Џевад Адеми најави дека, како провокација, ќе бара целосно укинување на патните трошоци за сите функционери и дека пратениците со години биле на удар на новинарите како дежурни виновници.

– Не може пратениците да бидат дежурни виновници кога имаме анонимни функционери кои не знаат колкави им се бенефициите. Ќе поднесам амандман за целосно укинување на патните трошоци, па пратениците нека се организираат и нека доаѓаат на работа со такси или со друг превоз, рече Адеми, според кого пратениците од повеќе состави биле на тапет за оваа работа. Посочи дека не слушнал оти некој министер или анонимен директор е критикуван за тоа колку патни трошоци направил или потрошил други средства.

Според Адеми, потребен е целосно нов закон, кој, како што рече, ќе ја симне оваа „дежурна тема“, која е „атак врз пратениците“.

Јован Митрески, претседател на Комисијата за труд, потенцира дека со нивното решение ќе се намалат средствата за патни трошоци на пратениците од 30 до 20 отсто, односно за 33 проценти и оти ова е краткорочно решение.

– Остануваме отворени за сите предлози за изнаоѓање долгорочно решение, рече Митрески.

Митрески смета дека денешната дискусија покажа дека пратениците од ДУИ размислуваат дали да го поддржат нивното решение, и дека на крајот, сепак, тоа ќе биде изгласано од Парламентот.

Павле Богоевски од СДСМ, кој го образложи предлогот, ги повика сите пратенички групи да се вклучат во изнаоѓање на решение за патните трошоци, без разлика дали се од власта или од опозицијата. Смета дека прашањето за намалување на патните трошоци не е проблем на јавното мислење, туку на високите патни трошоци и оти тие треба да бидат намалени.

Горан Милевски од ЛДП го прифаќа ова решение бидејќи нема друго во моментот. Смета дека авторитетот на пратениците им е урнат со ова прашање.

Посочи на трошењата за патни трошоци и на репрезентација на поранешниот директор на УХМР и на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а во Регулаторната комисија бил вработен човек за паркирање возила. За споредба, според него, градоначалничката на Битола доаѓа пеш на работа и само си купува геврек за појадок.

Пратеникот Самка Ибраимовски, пак, вели дека треба да се формира работна група во која покрај пратеници би биле вклучени и експерти од владата.

Предложените измени го опфаќаат и Законот за пратеници што е утре на седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, а предлогот на дневен ред е ставен на пленарната седница закажана за понеелник.