Дополнителна субвенција за нови насади и стада

Сите земјоделци кои од први јануари до 30 септември годинава ги зголемиле стадата, формирале ново стадо, подигнале нов овошен или лозов насад или засадиле повеќегодишни ароматични растенија на нови површини, од денеска до крајот на овој месец ќе може да аплицират за добивање субвенции за осовременување и модернизација на своите стопанства.

„За оваа мерка од Програмата за финансиска поддршка, средствата се исплаќаат по принципот на кофинансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50 до 75 отсто од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции. За подигнување нови повеќегодишни лозови и овошни насади, повеќегодишни насади со ароматични растенија и медоносна флора (фацелија, еводија и багрем) на нови површини, прифатливите трошоци се до 2,5 милиони денари, вели директорот на Платежната агенција Николче Бабовски.

За оние кои ќе конкурираат за поврат на средства за набвака на добиток од увоз или со потекло од признати организации согласно Законот за сточарство, прифатливиот трошок по корисник е до 6,5 милиони денари. Барањата се поднесуваат електронски, а крајниот рок за пријавување е 30 септември.