Документарецот „Копнеж по глина“ на Љупчо Тозија во Кинотека
Кинотеката на Македонија вечер од 20 часот ќе го прикаже документарниот филм „Копнеж по глина“ на режисерот Љупчо Тозија кој почина минатиот месец.
Филмот е снимен во 1998 година и е посветен на Ресенската керамичка колонија, на авторите што таму учествуваат и создаваат уметнички дела.
Љупчо Тозија е роден во 1947 година. По завршувањето на Академијата за театар и филм во Загреб во 1974 г., речиси целиот професионален ангажман го помина во Македонската радиотелевизија, сè до 2005 кога беше назначен за амбасадор на Македонија во Италија.
Беше автор, режисер, уредник, како и директор и главен и одговорен уредник на МТВ од 2002 до 2005 година Има снимено многу телевизиски емисии, театарски претстави и документарни филмови. Режисерското деби го има во 1973 година во Драмскиот театар-Скопје со претставата „Хамлет од Долно Гаштани“. Почина во Скопје на 9 јануари 2018 година.