Денеска судења за уривањето на „Космос“ и за изборните нерегуларности во Чаир

Во Кривичниот суд за денеска се закажани рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Т.Н.Т“ и „Титаник 3“.

Во случајот „Т.Н.Т“ обвинети се седум лица за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина Фијат Цаноски.

Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.

Според обвинителниот акт, со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а дополнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари. Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета.

Обвинетите на претходното рочиште се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Тие требаше да извршат увид во доказите на СЈО, односно на 26 аудиоснимки од телефонски разговори, 50 СМС-пораки и едно вештачење.

Во Кривичниот суд денеска треба да почне и судењето за предметот „Титаник 3“. Во овој случај СЈО ги обвини координаторот на пратеничката група на ДУИ, Ејуп Аљими, и Исмет Гури, член на Општинската изборна комисија за општина Чаир.

Двајцата се товарат за „уништување изборен материјал“.