Денеска е топло, во сабота се очекува пекол

Скопјани денеска се израдуваа на високата температура и сончевото време. Плоштадот беше преполн од граѓани кои сакаа да се стоплат, по неколкудневниот дожд и свежите утрински температури. Немаше место ни по кафулињата кои веќе ги отворија летните тераси. На секој чекор веќе се гледаат расцутени цвеќиња. Ако денеска беше топло, в сабота ќе биде пекол. Така, барем прогнозираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Денеска највисока температура е измерена во Гевгелија каде живата во термометарот се искачи до 21 степен. Во Скопје во 14 часот биле измерени 20 степени Целзиусови.

„Во сабота се очекува температурата да се искочи до 25 степени, а ќе дува и засилен ветер од јужен правец. Во Скопје се очекува максимална температура од 23 степени. Од понеделник ќе настапи променливо време и благо опаѓање на температурите“, прогнозираат од УХМР.

Фото: Б.Грданоски