Даниел Кајмаковски вечерва ќе ги забавува охриѓани


Весела атмосфера се очекува вечерва на Градскиот плоштад на дочекот на Нова година, каде за добрата забава меѓу другите ќе се погрижи и Даниел Кајмакоски.

И покрај ниските температури, синоќа беше весело на Градскиот плоштад, каде започнаа главните настани од проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“.

По денската забава и трката на дедомразовците во која најбрз беше Христијан Јованоски, синоќа од 19:00 часот, на главната сцена на Градскиот плоштад во Охрид и официјално започна новогодишниот викенд.

Забавата започна со младата диџејка Јана Ѓорѓиевска, по што настапија и Мартин Мила, Емилија Петреска и Билјана Буџакоска од OhridSUPERSTAR, за музичкиот дел да заврши со Dj-сет на Dj Јане од Супер радио. Гостите на плоштадот ги забавуваа и Баскер уметниците како дополнение на убавата вечер.

На малата сцена, во куќичката на плоштадот денеска има посебна програма за најмладите, а вечерва на главната сцена е организираниот дочек на Нова година со богата програма.

Ѕвезда на вечерта е популарниот Даниел Кајмакоски, а покрај него ќе настапат и Анита Мицова, Ансамбл Билјана, Ирма Гогова и Ивана Коскоска од OhridSUPERSTAR и диџеј Реџи Рулс.

Баскер уметниците повторно ќе ги забавуваат присутните, предвидено е и обраќање на Градоначалникот Јован Стојаноски.