Дали Груевски е Јозеф К.?
Љупчо Поповски
Пражанецот Франц Кафка својот прочуен роман „Процес“ го почна со исто толку прочуената реченица: „Бездруго некој го беше наклеветил Јозеф К. зашто, без да направи нешто лошо, едно утро го уапсија“. Неодамна, по едно од рочиштата во процесот за насилството во Општина Центар, поранешниот премиер Никола Груевски им изјави на новинарите дека тој, а и другите обвинети „сѐ повеќе се чувствуваме како во едно од врвните дела посветени на апсурдот ’Процес‘ од Кафка“.
Груевски со тоа сакаше да соопшти дека тој, исто како и Јозеф К., не направил ништо лошо (Кафка во неговиот роман не соопштува дека неговиот јунак направил нешто добро) и дека без образложение се води судски процес против него кој прераснува во агонија. Груевски се обиде да ја претстави својата судбина како безуспешна апсурдна борба на една обвинета личност во светот на институциите, во која не ќе може да го сочува својот интегритет, која ќе ја разгради неговата личност и на крајот ќе биде осуден. Јозеф К. завршува трагично, тој е осуден на смрт и откако одбива да се самоубие, двајца мажи го погубуваат со нож во срцето. Ако Груевски мисли дека целата постапка (како во „Процес“) се води од некои повисоки непознати инстанции и дека одбраната, како што сфати Јозеф К., е залудна, тогаш тој уште сега претпочита дека пресудата за него ќе биде лоша – можеби и затвор. И со тоа да дочека крај не толку ужасен како оној на јунакот што го посочува (сепак, тоа е само фикција), но во основа да се соочи со главната дилема – дали пресудата навистина ќе биде бесмислена и со тоа ќе остави драматична трага врз животот кој најпосле ќе се оквалификува како бесмислен, ако се оди по трагата на Јозеф К.
Така е кога некој сака да најде макар и пет грама поистоветување со еден од клучните ликови на светската литература. Одговорите тогаш не се еднозначни, како што изгледа фабулата на „Процес“, која е дури и тескобна за читање. „Процес“ е еден од оние романи каде што читателот малку се соживува со главниот јунак, кај него не се јавува дури ни стандардното сочувство со агонијата на Јозеф К. Читателот има две прашања по кои бара одговор до крајот на книгата: 1. Зошто е уапсен Јозеф К.? и 2. Каков е тој суд што му суди?
Бидејќи Никола Груевски не е уапсен, туку само обвинет, на првото прашање може лесно да се одговори ако се прочитаат обвиненијата што специјалното јавно обвинителство ги поднесе до судот и врз основа на кои течат повеќе процеси против поранешниот премиер. Читателот нема проблем да одговори зошто е обвинет Никола Г. – во обвиненијата се наведени дузина ситуации во кои тој ја злоупотребувал власта за да им наштети на своите политички противници или да навлезе во сферата на големата корупција. СЈО ги напиша обвиненијата, сега треба да ги докаже пред судот. Читателот, исто така, нема проблем ни да одговори на прашањето каков е тој суд што му суди на Никола Г. Тој е истиот тој суд од заробената држава што Груевски го негуваше како некаква орхидеја во својата стаклена градина – не да го сака премногу, туку само да го поседува. Кога пред пет-шест години врвните претставници на неговата власт објаснуваа и објаснуваа дека институциите на системот си ја вршат својата работа во контроверзните случаи (а обвинетите тогаш тврдеа дека се вплеткани во кафкијански случаи), тогаш е јасно дека судот има и име и презиме, само што сега, кога дојде до промената на улогите, алегоријата на пражанецот треба да се поврзе со сопствената судбина. А, претходно имаше целосна бесчувствителност за судбината на другите.
Во овие процеси на СЈО многу од обвинетите преку своите адвокати доставуваат лекарски наоди, што за ларингит, што за укоченост, за да не се појавуваат на рочиштата. Судот што има и име и презиме ги прифаќа тие образложенија за одложување на рочиштата (наспроти гневот на обвинителите) и во некои моменти тој заликува на социјална установа. Некој ќе рече дека е грубо ако судот барем малку не сочувствува со здравствената состојба на обвинетите. Можеби е така. Но што би било ако секој судски процес се базира на одредена доза сочувствителност? По кој пат тогаш ќе тргне правдата?
Некако во исто време, во Германија, на 96 години почина „сметководителот од Аушвиц“, Оскар Гренинг. Тој беше еден од последните поранешни нацисти на кој му се судеше за помагање при убиствата на 300.000 луѓе во конц-логорот Аушвиц, при што неговата улога била да ги прибира и да ги пребројува парите на оние што биле убиени или испратени на ропска работа. Тој уште неколку пати бил дел од процесот на депортираните кои доаѓале во нацистичкиот логор на смртта. Генинг беше осуден на четири години затвор. Гренинг ја призна „моралната вина“, велејќи дека му е многу жал за неговите постапки и дека никој не требало да земе учество во Аушвиц, а јавноста реагираше дека пресудата била симболична. Неколку месеци претходно адвокатите на Гренинг поднесоа барање за помилување, наведувајќи дека тој бил премногу стар и со кревко здравје за да оди во затвор. Но Уставниот суд на Германија, на крајот на декември минатата година, ја отфрли неговата жалба наведувајќи дека тој е во состојба да ја служи казната и покрај староста и оти во затворот ќе добие соодветна нега.
Минатата недела полските обвинители соопштија дека американските власти работат на екстрадицијата на 99-годишниот Михаел Каркоц од Минесота за да му се суди за учеството во масакрот во едно полско село за време на Втората светска војна. Случајот на Каркоц го отвори агенцијата „Асошиетед прес“ во 2013 година во серија текстови. Според АП, родениот Украинец Каркоц бил командант на единици на Легијата на украинската самоодбрана, водена од СС-офицери, која го нападнала селото Хланиов во источна Полска, убивајќи 44 лица, вклучувајќи жени и деца. Агенцијата АП докажа дека Каркоц командувал со единицата врз основа на документите од тоа време, сведочењата на другите членови на водот што убивал, како и од мемоарите што самиот ги напишал. АП докажа, исто така, дека Каркоц ги излажал американските имиграциски власти неколку години по војната. Неговото семејство ги отфрли овие наводи, но за американските правосудни власти тоа се сериозни докази.
Се разбира дека ваквите обвинувања за најтешките злосторства против човештвото не можат да се според со, на пример, нарачаните шлаканици во Центар – овие дела се милион пати потешки. Но во основа го ставаат на испит судскиот систем на која било кота од планетата – дали обвинителите треба да замижат пред староста и болеста на злосторниците и да бидат милосливи кон оние што направиле криминални дела. Германското судство не се обѕрна на солзите и жалењето на Оскар Гренинг – ниту обичниот суд ниту Уставниот суд. За злоделото треба да се одговара, без оглед на староста кога се води процесот. И без оглед дали некој е во целосно добра здравствена состојба. Груевски во изјавата за новинарите по рочиштето за насилството во Центар го изјави ова: „Денеска имаше еден од обвинетите кој е болен и кој доставил лекарско уверение, издадено боледување од матичен лекар дека треба да мирува. И за него, замислете, обвинителот побара притвор затоа што е болен, значи тој треба да лежи притвор затоа што се разболел. Судијата не одреди, но самиот факт што обвинителите се дрзнаа да побараат укажува на забеганоста на ова јавно обвинителство“.
Во Германија немаше ниту еден збор критика за одлуката на Уставниот суд дека Оскар Гренинг треба да оди во затвор и да ја одлежи четиригодишната затворска казна без оглед на неговите 96 години и слабото здравје. Навистина, тоа може да изгледа безмилосно, но што би станало со еден судски систем ако повикувањето на староста или болеста го одредуваат правецот на процесите. Дали тогаш ќе се зборува за правда или за сомилост?