ГСОЛ: Одобрувањето на планот за ФЕНИ е почеток на инвестиции и раст на компанијата

Одобрувањето на планот за реорганизација на ФЕНИ индустри од страна на судот во Велес, за ГСОЛ и Еуроникел значи ставање крај на несигурноста и проблемите во ФЕНИ и почеток на инвестиции и раст.

Планот поднесен од ГСОЛ, за реорганизација на ФЕНИ Индустри, пирометалуршка фабрика за производство на фероникел во Кавадарци, е конечен, како што соопшти Судот во Велес. Од компанијата наведуваат дека со соопштението на Судот се потврдува правосилноста на Планот за реорганизација на ФЕНИ Индустри и истиот претставува извршен документ во согласност со одредбите од Законот за стечај.

Според Маркос Камхис, директор на ГСОЛ, со ова денес се става крај на периодот на несигурност, сомнеж и проблеми за ФЕНИ индустри и започнува период на инвестиции, раст и стабилност за компанијата.

-Завршувањето на формалниот процес на стечај му овозможува на ФЕНИ да се насочи кон одржлива иднина како сигурен снабдувач на светскиот пазар на фероникел и со тоа повторно да стане еден од најголемите извозници во земјата, како и да го даде својот значаен придонес кон растот на БДП, истакнува Камхис.

Камхис оценува дека успешната реорганизација на ФЕНИ е заслуга на трпението и напорната работа на вработените во комбинатот и бројните институции во државата, чија професионалност и посветеност демонстрираа дека државата е отворена за директни странски инвестиции.

-ГСОЛ, додава, е задоволен што се обврза да ја одржи фабриката во работна состојба, со што зачува повеќе од 750 значајни работни места за време на стечајниот процес, преку договорот за процесирање руда. Сега сме насочени кон натамошно подобрување за зајакнување на активностите на фабриката преку Еуроникел.

Герасим Кујунџиев, директор на Еуроникел оценува дека судската одлука ја завршува неизвесноста за вработените и гарантира безбедност за многумина во нашата заедница.

-И покрај многуте пречки и предизвици во минатото, сега сме во состојба нашите финански ресурси и експертиза да ги ставиме во корист на компанијата, заедницата и земјата како целина, вели Кујунџиев.

Во соопштението додаваат дека повеќе од 80 милиони евра инвестирани од ГСОЛ во текот на минатата година, овозможија ФЕНИ да ја намали несигурноста на своите кредитори и добавувачи, да ја одржи фабриката во работа и да произведе над 10.000 тони никел за извоз на светските пазари во 2018 година.

Планот беше одобрен од страна на Собранието на доверители, како и од Одборот на доверители на ФЕНИ Индустри и вклучува значителна инвестиција за стабилизирање и подобрување на активностите на ФЕНИ.

ГСОЛ е сснован во 2009 година. Инвестира во секторот на основни метали и во моментов вработува над 1.500 луѓе во своите рударски и металуршки објекти на глобално ниво, вклучувајќи ја и фабриката за фероникел позната како Фалкондо во Доминиканската Република, која беше купена од Glencore во 2015 година.

Од компанијата наведуваат дека под раководство на претходните сопственици, ФЕНИ поради финансиски потешкотии во октомври 2017 година престана да работи, пред да биде отворена стечајната постапка во ноември 2017 година. Според условите на договорот за процесирање на руда, што беше доделен на ГСОЛ спроведен по тендерска постапка управувана од стечајниот управник на ФЕНИ и од Одборот на доверители, претставништвото на ГСОЛ, Еуроникел повторно започна со производство на фероникел во ФЕНИ во февруари 2018 година.