Груевски ќе раководи со ВМРО-ДПМНЕ од затвор

Ерол Ризаов

Во ВМРО-ДПМНЕ ништо ново. Очекувана празнична прослава за силно единство по сечата на глави спроти 125-годишнината од Солунскиот конгрес, како продолжување на традицијата да се упропастува Македонија и сè што води кон прогрес. Посолените глави на вмровските дејци кои ја предале револуционерната организација веќе му се дадени на увид на вождот да се увери лично дека неговите следбеници остануваат доследни на заклетвата пред кама и револвер и дека живи не му се предаваат на непријателот. Никола Груевски ќе раководи со партијата од ќелијата во Идризово сè до последниот куршум.

Верните до гроб на организацијата ќе се борат против кодошите и предавниците до последниот човек. Откриен е заговорот на страшливците и поткупените изроди во сопствените редови. Откако ќе им се пресуди на сите, полесно ќе се води битката против останатите непријатели дома, во соседството и во сиот свет. ВМРО-ДПМНЕ крева востание против сите што ја гледаат Македонија во сојуз со вековниот „непријател“ Европа, НАТО, Америка, Бугарија, Грција, Србија, Албанија – сите во спрега со домашните предавници Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци… Човек би рекол, страшна работа, ако не знае дека се работи за таканаречен синдром на издишана тракторска гума. Тоа е последна желба на болниот пред упокојување, која сепак не треба да се потцени, иако војводите останаа без војска.

Ова е добра вест за Македонија. Владата, парламентот институциите на системот во ваква ситуација треба брзо и праведно да ја одработат најзначајната работа по добриот тренд, се разбира, во рамките на законските надлежности и одговорности. За неуспехот во добиена позиција ќе нема оправдувања, а и да има, ќе нема никакво значење ако Македонија се врати 30 години назад, или поточно ако исчезне.

Јавноста сосема очекувано мирно и со олеснување го прифати гласањето во парламентот за почеток на постапката за промена на уставот како помало зло со кое се отвораат вратите за сојуз со западниот свет. Чуварите на тронот на Груевски и организаторите на бојкот шокирани и видно разочарани што немаше спонтани реакции и протести од граѓаните повикуваат на безредија и радикализација на состојбата во земјата. Погрешните домашни есапи дека тие што не гласаа „против“ и што не гласаа „за“ на консултативен референдум се нивна сопственост и замрзнато тесто за месење кое само чека на нивен знак да крене револуција по партиска нарачка, се покажа како тешка заблуда. Не поминаа лагите за подобар договор со Грција, за НАТО злосторници, застрашувањата за губење на идентитетот и обезличување на македонскиот народ, за скорешен распад на ЕУ, за тоа дека запад ја лаже Македонија и дека нема ништо од нејзиното членство во најголемите воено безбедносни и економски политички сојузи на светот НАТО и ЕУ, дека Русите ќе стасаат со тенкови да ја спасуваат Македонија од предавници и милион други глупости.

Напротив, и покрај компромисот со Грција што сигурно на голем број граѓани им предизвикува отпор и незадоволство, сепак надвладува прагматизмот дека изградбата на успешна и просперитетна европска држава е поголема добивка отколку отстапките со додавката северна на уставното име. Граѓаните се особено охрабрени од вистината дека се отстрануваат една по една блокадите од европскиот пат на Македонија која со децении чека пред целта како кандидат за членство. Поканата од НАТО е примена, преговорите се почнати и кон крајот на идната година по вообичаена постапка Македонија ќе стане членка на НАТО, во моментот кога веќе ќе има отворени поглавја во преговорите со ЕУ. Тоа го слушнавме, видовме и се уверивме безмалку од највлијателните европски и светски политичари и државници и од највисоките функционери на институциите на НАТО и на ЕУ.

Со откривање и обелоденување на лагите дека договорот ја укинува македонската националност, македонскиот јазик, македонското државјанство и историјата на македонскиот народ, се виде и се дозна дека ниту едно од овие идентитетски обележја не се засегнати, а останува гарантирано со Договорот од Преспа суштинското име на државата Македонија. Се покажа на очиглед на целата јавност оправданоста од консултативен референдум поради наездата на популизам, национализам, примитивизам и манипулации со голем број лаги и закани кон граѓаните што не е регуларен амбиент за изјаснување за договорот со кој се отстранува пречката да се остварат стратегиските цели и интереси на државата кои се одамна инкорпорирани во сите општествени и економски реформи и сите развојни планови и документи, декларации и резолуции кои се прифатени од релевантните политички партии, од сите владини и парламентарни состави и институции на државата, како највисока цел за иднината на Македонија. Европеизацијата на Македонија е влезена безмалку три децении во конститутивните закони, уставот и целиот правен и парламентарен политички систем, во образовните програми на повеќе генерации, во економскиот систем и сите потпишани и ратификувани меѓународни договори на државата и склучени сојузи. Враќање назад, кога сме пред целта и отворените врати на Европа, по сопствена вина би била најголемата грешка која води кон распад на земјата, хаос и сиромаштија.

Македонија е уморна од војни со ветерници, од лелеци и повици за востанија, од постојано откривање заговори, непријатели и предавници, од лажни патриоти и вистински арамии. ВМРО-ДПМНЕ одамна е музејски експонат и таму треба да остане со нужните исправки во фалсификуваната историја. Ќе имаше поголема симболика по сечата на главите на предавниците од сопствените редови прославата за демонстрирање на верност да се одржеше во Музејот на револуционерната борба, отколку во барокниот театар. А, можеби најарно ќе беше да има два чина – првиот со театарската претстава на статистите, а вториот во салонот за восочни фигури во музејот на ВМРО.