Груевски жежок костен во рацете на Орбан

Ерол Ризаов

За искусните познавачи на судските процедури и процеси имаше јасни сигнали дека се работи за подготовка за бегство на Никола Груевски на повеќе нивоа и со повеќе луѓе. Од пласирање на аргументи пред домашната и светската јавност за нефер судење, до транспорт и барање на азил како жртва на политичка пресметка на хунтата со поранешен премиер, кој е соочен со закани по неговиот живот поради својот патриотизам. И изборот на земја каде треба да се обезбеди прибежиште, веројатно само привремено, во случајот Унгарија, не е направен на врат на нос, туку однапред договорен со добро осмислена и правно стокмена постапка во која имаат учество, исто така, повеќе луѓе на разни одговорни позиции, почнувајќи од политичари, обвинители, судии, полицајци, адвокати, правни експерти, медиуми и новинари до возачи. Така, Никола Груевски ја доби првата рунда против Македонија која многу ја сака.

Унгарија, во која Груевски ќе биде азилант, е своевидна европска гротеска. Веќе целиот континент си игра мајтап со добредојдето на Виктор Орбан за неговиот идеолошки побратим од Македонија. Заштита на еден осуденик во земја членка на ЕУ против кој се водат уште неколку судски процеси за тешки кривични дела, е предмет на потсмевање, но и на сериозни критики во Унгарија и во светот. Груевски стана од првиот ден жежок костен во рацете на Орбан и неговата влада. Колку ќе трае гостопримството, не е тешко да се прогнозира. Првиот миг кога тоа ќе му претставува закана на Орбан, азилантот Груевски ќе мора да бара нова дестинација.

Работата испадна дека има само еден единствен човек кој не е виновен од сите надлежни и задолжени што Груевски не стасал во затворска ќелија и непречено избегал од земјата. Тоа е Никола Груевски. Како и секој осуденик, и тој не сакал да оди во затвор. Затоа си направил добра подготовка. Пред и по секое појавување во судот, речиси секој ден ѝ приопштуваше на јавноста дека е жртва на политички прогон, дека ова е пресметка на власта со опозицијата и со него лично, дека неговиот живот е во опасност од закани, затоа на време си обезбеди неколку телохранители кои се грижат за неговата безбедност. Со изјави за медиуми, со говори и дискусии во парламентот, од обвинет Груевски стана обвинител и жртва истовремено. До последниот ден пред бегството Груевски шеташе слободно низ Скопје на очиглед на целата јавност без да му фали влакно од косата.

Наследникот на Груевски во партијата, Христијан Мицкоски, ја прифати стратегијата дека се работи за заговор на Запад во спрега со домашните предавници и непријатели против Груевски и против ВМРО-ДПМНЕ, прикажувајќи го тоа како атак врз Македонија. Врвот на ВМРО-ДПМНЕ го прогласи Груевски за жртва поради тоа што се борел за интересите на Македонија, за зачувување на националниот идентитет и уставното име на државата. Го избра за почесен претседател на партијата, судските постапки и пресуди ги отфрлија како монтирани процеси. Побараа целосна амнестија за настаните на 27 април лани по итна постапка. Сите во партијата кои се спротивставија на таквата политика беа експресно избркани или разрешени од функциите и ставени како предавници на столбот на срамот. Сега на сите им е јасно дека сè било во функција да се оправда бегството на жртвата од прогон за да може да се добие и оправда азилот како на политички бегалец. По бегството, почна масовното оградување од Груевски во врвот на ВМРО-ДПМНЕ, пренасочувајќи го нападот кон власта, која оправдано е на удар на јавноста што Груевски не заврши во затвор. Но критиките на ВМРО-ДПМНЕ веќе не се поради пресудата, туку поради пропустите на надлежните институции кои затаиле и не го фатиле осуденикот на бегање. Фарса.

Штетата од бегството е огромна и нејзините последици сè уште не се согледливи до крај. Судските процеси против Никола Груевски требаше да бидат главен адут и најзначајниот успех на судските реформи кои водат кон воспоставување на владеење на правото. Доказите, беспрекорната судска постапка, пресудите и образложенијата за изречените пресуди на вакви судења на најодговорната личност и синонимот на големите зла се најдобрата превентива во една со години заробена држава да не се повтори тиранијата, нарушувањата на човековите права злосторничките здруженија, за местењето избори, контролата на судството и медиумите, попречување на правдата и на мнозинството во парламентот да ја преземе власта по легални избори, криминалот, корупцијата и други злодела кои добија чудовиштни димензии. Во судењата за крвопролевање во парламентот на 27 април се појавија сведоштва и за Груевски како организатор на упадот што, ако се докаже како вистина, е вмешаност во државен удар. Со вакви обвиненија Груевски не можеше и не смееше да остане да се брани од слобода, земајќи предвид само еден факт, а ги има повеќе, а тоа е неговата голема моќ да влијае на сведоците и можноста да избега прилично лесно, што се покажа како точно.

Одбивањето на мерката притвор уште при првите постапки на барање на Специјалното обвинителство се разводенија со изборот да се форсира предметот со купувањето на „мерцедесот“, а не приоритет да добијат многу потешките обвинувања. Не беше цел Груевски само да се пикне во затвор поради блиндиран „мерцедес“ и злоупотребени пари од државната каса на најсиромашниот народ во Европа, туку да се нанесе силен удар со непристрасно судење на десетгодишната тиранија и злоупотребата на функциите и досега најголемиот криминал направен во државата чиј главен идеен водач и осомничен е Никола Груевски. Пресудата за злоупотребите и кршењето на законите при купување на „мерцедесот“ и судските образложенија се јасни и несоборливи. Но другите предмети кои се во тек се главните обвиненија во кои се содржани тешките неправди нанесени на многу луѓе и на државата и грабеж на милиони од државната каса. Судските постапки и пресуди во отсуство на главниот обвинет, ако тоа се случи, ќе ја немаат таа превентивна силина која ќе го означеше владеењето на правото и отслужување на казните.

Првата рунда ја доби Груевски, но сите останати ќе ги загуби и на крајот ќе заврши со фрлање на бел пешкир во рингот на правдата. Почнува неговиот азилантски живот кои гледам некои го идеализираат и од тоа да прават мит. Многу бргу Груевски ќе ја открие мачнината на самопрогонството. Ваквите „гостопримства“ некогаш траат многу кратко, додека не претставуваат товар и за домаќинот. Издржаноста на судските пресуди кои ќе следуваат во негово отсуство ќе станат голема пречка за непречен престој и заштита. Надежите дека со промената на власта ќе се врати во татковината како народен херој и јунак се многу погрешни. Наследниците и соработниците, неговите приврзаници до вчера неговото бегство го доживееја како предавство и оставање на цедило. Тоа предизвика конечно и многу поголема претпазливост и поголема строгост при одредување на мерката притвор.

Од друга страна, ако не се преземе одговорноста за бегството на Груевски и ако не се расчисти целиот тој јавашлак во надлежните институции и со попречувачите на правдата, тврдењата дека власта е соучесник во бегството на Груевски ќе бидат прифатени од јавноста како вистина, колку и да изгледаат апсурдни и неверојатни. Лавина од гнев за залудноста на уривање на режимот на Груевски, чиј крај требаше да се означи со негово заминување зад решетки, ќе ѝ нанесе тежок удар на Владата и на премиерот Зоран Заев.