Груби: Очекуваме храброст и одлучност од ЕУ за датум за преговори
Македонија ги исполни сите услови за добивање датум за преговори годинава. Настапивме храбро во согласност со очекувањата од Брисел. Сега, очекуваме иста, дури и поголема храброст и одлучност и од страна на земјите членки на ЕУ во поглед на отпочнување на преговори за членство, истакна денеска претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Артан Груби на седницата посветена на „Француска перспектива врз иднината на ЕУ“.
Македонија, додаде пратеникот на ДУИ, ја надмина политичката криза, формираше нова влада, оддржа кредибилни и демократски избори, оствари напредок во остварувањето на итните реформски приоритети, склучи договор за добрососедство со Бугарија, го заокружи Рамковниот договор, избран е јавен обвинител и уставни судии.
– Преостанува привршување на разговорите за надминување на разликата за името, за што, оптимист сум дека мај е месецот на големи одлуки, рече Груби.
Тој кажа дека францускиот претседател Емануел Макрон во Европскиот Парламент немал никаков сомнеж за интеграцијата на нашите земји во Унијата.
– Ние бараме да не оценувате строго, но фер и коректно, со заедничка одговорност за иднината, мирот и стабилноста на нашиот континент, без никакви други калкулации, порача Груби.
Го цени, како што рече, предлогот на Макрон со цел да ја доближи идејата за потребата од суштински реформи во Унијата, Комисијата за ЕУ во Националното собрание да организира серија на јавни дебати во кои ќе земат учество различни општествени фактори за иднината на Унијата.
Францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Тимоние истакна дека без разлика на потешкотиите со кои ќе се соочува Македонија, Франција ќе биде со неа да и помогне во евроинтегративниот процес. Знаеме, додаде тој, дека Европа и е во срцето на Македонија, но заедно да го подготвиме патот земјата да стане членка на ЕУ.
Ив Бертончини, експерт за европски прашања, претседател на Европското движење на Франција и потпретседател на меѓународното Европско движење кажа дека во однос на проширувањето треба да се научат лекциите од минатото и затоа денес условите за приклучување се потешки. Знам, додаде тој, дека тоа во Македонија се чувствува.
Според него, Франција, Германија и другите земји до 2025 -2028 година ќе имаат време да се фокусираат на прашања како колективната безбедност, затоа што Европа е под закана, но и за фискалната политика.
Според него, влегувањето на Турција во ЕУ во Франција веќе не е на дневен ред поради, како што рече, застранувањето на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
– Ако во Франција зборуваме за проширување без Турција, а се концентрираме на Западен Балкан е многу подобро, врли францускиот претставник.