Григор Копров, композитор: Патот од талент до ѕвезда е како од Земјата до Марс


На времето требаше да бидете талентирани, да имате амбициозни родители, да пеете во „Златно славејче“ и да ве забележи Григор Копров. Од нашите најпознати композитори и хитмејкери тој е еден од ретките кај нас кој го знае патот од талент до ѕвезда и кој со своите песни знае ѕвездата да ја направи уште поголема ѕвезда.

Григор Копров (74), роден охриѓанец, во богатото музичко портфолио може да се пофали со соработката со ѕвезди како Тоше Проески, Владо Јаневски, Каролина Гочева, Калиопи, Маја Оџаклиевска… Ги има компонирано едни од најубавите македонски хитови: „Не зори зоро“, „Сонце во твоите руси коси“, „Усни на усни“, „Немир“, „Јулија“, „Те љубам лудо“, „Ники“, „Лиду-лиду-ду“ и „Прости ми“, „Да море зна“…

Актуелен сте со музичкиот фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“ кој ќе се одржи од 6 до 8 септември на кејот на Охридското Езеро  со домашни и регионални ѕвезди. Како прв човек на фестивалот, како Ви успева да ги ангажирате? Со авторитетот, со хонорарот, преку лични  контакти?

-Самиот збор 25 години јубилеј зборува сам по себе. Секако дека сите овие работи што ги спомнувате имаат дел за успешноста, меѓутоа една манифестација, покрај несомнениот квалитет што треба да го поседува, е толку голема и поради тоа колку луѓе ќе ја видат. Една работа е ако настапувате во сала пред 100 луѓе, друга работа е ако настапувате пред 5000 луѓе, а друго е ако настапувате на фестивал кој го пренесува една национална телевизија. Големината на овој фестивал е во тоа што го пренесуваат 10-15 балкански телевизии и преку сателитот го преземаат Америка, Канада и Австралија, што има таква гледаност поради што одговорно тврдам дека тој е меѓу првите 3 манифестации од постоењето на Македонија. Да не кажам какво значење има за Охрид 5-минутната туристичка репортажа што оди на почетокот на секоја фестивалска вечер, а во директниот пренос го преземаат сите телевизии. Кога би се платило сето тоа како реклама, сигурно би чинело од 300-400 илјади евра.

Со кои ју-ѕвезди уште се дружите и контактирате?

-Во принцип, функционирам така што правам пријателства, се однесувам со респект и со потребната почит спрема сите интерпретатори и композитори на балканските простори и пошироко затоа што не може некој да очекува да биде почитуван ако не го почитува другиот. Притоа можеби ќе звучи нескромно, меѓутоа за сите овие години сум стекнал безброј пријатели и несомнено е дека тоа што го правам го почитуваат, при што фестивалот достигнал такво реноме да доаѓаат и да се натпреваруваат такви ѕвезди како што се: Жак Худек, Ален Исламовиќ, групата „Колонија“, групата „Балканика“ со Сања Илиќ, Маја Сашек и уште многу други. За разлика од некои наши пејачки „ѕвезди”, кои во обично кафуле не можат да соберат ни 100 луѓе.

Изразивте незадоволство што Министерството за култура за јубилејното издание на охридскиот фестивал одобри само 100.000 денари.

– Многумина од културата, дали се тоа интерпретатори, глумци, режисери, композитори, со чест на исклучоци, ја доживуваат државата како „крава-молзница“, зошто? Не може да се побараат и да се одобрат пари, а притоа да нема повратен одговор, не може да се добијат 1-2 милиони евра за филм што нема гледаност, затоа што денес сè е мерливо. Јас се надевам дека во Министерството ќе се направат критериуми и ќе се финансираат проекти што носат афирмација на државата. За да бидам појасен, ќе дадам пример за себе. Каква е таа композиција за која јас велам дека е најдобра, а нема слушаност, а за композицијата што ја има колегата која е најслушана јас да велам дека не чини. Ние, за жал, во овој момент сме парадоксални. За најдоброто велиме дека е најлошо, а за најлошото велиме дека е најдобро во сите сфери на живеењето.

Кој водител ќе го води годинава фестивалот „Охридски трубадури“?

– Сè уште немаме конечен избор.

Како претседател на Управниот одбор на Здружението за заштита на музичките авторски права (ЗАМП) дали ги решивте недоразбирањата со Министерството за култура?

-Навистина ги правиме сите напори да бидеме разбрани, а тоа е следново –  ни помалку ни повеќе туку имплементација на европските закони за авторско право. Навистина би било крајно некоректно ако секој труд не се вреднува адекватно.

Дали денес е лесно да се биде музичка ѕвезда?

-Музичките ѕвезди се создаваат и за да се опстане, тоа бара многу труд, многу работа и многу услови треба да се исполнат.

Колку музичките шоуа помагаат во лансирањето на ѕвездата?

-Секако, тоа е најбрз начин да се приближи одреден интерпретатор до публиката, меѓутоа, сведоци сме дека ниеден од досегашните победници и учесници не направил никаква кариера.

Зошто ниту еден победник не направи кариера?

– Токму затоа што тие пеат кавер верзии (познати песни) и ги имитираат балканските пејачи, а кога ќе дојде време самите да направат нешто, немаат своја препознатливост и своја посебност во начинот на пеачкото изразување. Немаат адекватни песни и многумина од нив немаат капацитет да сфатат дека својата кариера треба да ја препуштат на тие што знаат да ја водат.

Како Вие го откривате потенцијалот кај одредени пејачи?

-Секако дека долгите години искуство поминати со различни интерпретатори придонесуваат да изградиш свои критериуми кои кај сите нас се различни.

Македонија има многу таленти, а никој не се занимава со нивните кариери. Зошто?

-Затоа што безмалку 95% по првиот успех се доживуваат како ѕвезди. Не сфаќаат дека за да станат славни, ако е тоа што тие го сакаат – треба многу работа. И секако дека некој треба да застане зад нив и да ја води нивната кариера. Но тие најчесто не се подготвени за тоа, притоа не сфаќајќи дека мерило за една ѕвезда е да може да собере барем една Универзална сала на концерт. За жал, во моментот не постои пејач кој може да го направи тоа. Дури и тие неколкумина кои не би било коректно да ги споменувам, а кои се чувствуваат дека се ѕвезди, иако воопшто не се. Ние имаме интерпретатори што се сметаат за ѕвезди, а од Куманово нагоре никој не слушнал за нив.

Дали на повидок има некаков талент?

– Македонија како и Балканот има извонредни таленти, ама од талент до ѕвезда патот е од Земјата до Марс. Зошто? Затоа што по првиот успех имаш ситуација во која тој што те молел да му направиш песна преку ноќ „знае повеќе“ од композиторот и од аранжерот. Тоа е така со повеќе од 98% од интерпретаторите со кои сум соработувал и затоа несвесно преку ноќ ги снемува.

Дали во Македонија има музичари што живеат исклучиво од музика?

– Секако, да. Музичарите никого не потценуваат, барем јас не сум сретнал такви и тие го заслужуваат истиот респект и почит како и другите.

Од каде наоѓате инспирација за Вашите песни?

-Јас имам три начини како работам: првиот начин е кога мене ми доаѓа идеа ја разработувам, со што на самиот почеток не знам за кого е наменета таа композиција и за кого би одговарала. Вториот начин е добивам готов текст кој носи одредена порака и на тој текст правам музика(композиција) што за многумина е мислена именка. Третиот начин е кога имам задача да направам за одреден интерпретатор, тогаш го гледам неговиот распон и боја на глас, дали е предодреден за балади или за брзи песни, каква личност е и сл. Значи, да дообјаснам, како и во спортот, како и во сето друго, или во спортски жаргон кажано, скокач е и оној што скока 1 метар и оној што во секое време може да скокне 3 метра, а и за едниот и за другиот се вели дека се скокачи, а дали се тие исти? Така е и во музиката.

Кои Ви се омилени Ваши песни?

– Секоја нова песна што ќе ја направам ми е омилена затоа што толку многу сум направил и не можам да се одлучам, жанровски се различни, а мојот опус е огромен.

Со која наша ѕвезда Ви беше најтешко, а со која најлесно да соработувате?

-Мислам дека соработката со сите била ОК, а кариерата со подем и успех дефинитивно зависела исклучиво од нивниот капацитет и како луѓе, личности и карактери. Што сакам да кажам, една Витни Хјустон само 6 месеци пред да почине, на продуцентот му понудила 4 композиции по свој избор, а продуцентот кратко ѝ соопштил дека тие композиции не можат да одат и дека тоа не е нејзина работа. На читателите им е јасно за што зборувам, а и на споменатите.

Имате ли неостварени желби во музиката?

– Секако, јас сум од луѓето што функционираат како сега да сум почнал, што значи дека со секоја новосоздадена композиција јас морам да го потврдам или да го надминам она што веќе сум го создал, во спротивно ја рушам мојата кариера. Затоа што нема оправдување дали е пејач, глумец или инструменталист. Дали тоа значи дека ако не спиел ноќта – тој треба да пее, свири или глуми лошо?

Како музичка институција во Македонија, како влијаевте врз македонската музика? 

-Во однос на тоа колку мојата музика се слушала, колку хитови сум имал, колку награди сум освојувал во земјава и во странство, нема да бидам скромен ако кажам дека со моите песни  најголем успех имале најголемите ѕвезди. Тоа зборува само по себе.

Каква музика приватно слушате?

-Единствено нешто што може да ме воодушеви и да допре до мене се баладите. Зошто? Еден композитор своето умеење, знаење, својата емоција може да ја пренесе и да ја разоткрие само преку баладите и тоа се потврдува со фактот дека 95% кога зборуваме за евергрини се балади воопшто во светски размери. Махалија Џексон, Френк Синатра, Елвис Присли, култната група „Битлси“, култната група „Квин“, Ерик Клептон, Брајан Адамс, Витни Хјустон, дури и металците како „Скорпионс“, „Металика“ останаа запаметени по баладите.

Договорот меѓу Македонија и Грција ја подели македонската јавност, а пак прославата за поканата во НАТО ги подели пејачите. Каков е Вашиот став?

– Влегувањето во НАТО за мене значи гаранција мирно да си одам на оној свет со знаење дека Македонија ќе постои дури постои светот, дека моите деца и внуци, па и нивните деца и внуци ќе живеат во оваа Македонија. Треба сите да се свесни дека Курдите се 30 милиони и кусур па немаат своја држава. Ние дефинитивно немаме друга алтернатива. Денес секој од нас што живее во оваа земја треба да си го постави прашањето: Што правам за себе, што правам за семејството и конечно што правам за државата? Секој во границите на своите можности. Тоа е за мене патриот.

Лејла Сабит       Фото: Борис Грданоски