Греењето на дрва речиси со исти трошоци како со парно, но се уште најисплатливо
Посочуваат дека најевтино достапно греење во Македонија е со огревно дрво, но не еколошки прифатливо, а доколку доволно би се развил гасоводниот систем во земјава и со тоа би се зголемила потрошувачката на природен гас, првенство би имало греењето на гас кое речиси и да не ја загадува животната средина. Во моментов гасот е достапен само за домаќинствата во Куманово и Струмица, а во останатите делови од земјава се уште нема соодветна гасоводна мрежа.
Експертите велат дека просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 кубни метри огревно дрво за загревање или најчесто околу шест кубни метри. Доколку се подели вкупната дрвна маса што се произведува во земјава на годишно ниво, која изнесува околу 780.000 кубни метри, со просечниот број на кубни метри неопходни за греење се добива дека повеќе од 130.000 домаќинства се греат на огревно дрво.
Цената во ЈП „Македонски шуми“, согласно нивниот повик не смее да биде повисока од 2.900 за буково и 3.000 денари за дабово дрво. Просечната, пак, малопродажна цена за кубен метар буково огревно дрво во приватните складишта се движи од 3.300 до 3.800 денари, а кај дабовото дрво е поскапа за 100 до 200 денари по кубен метар. Тоа покажува дека за греење со огревно дрво просечно македонско домаќинство одвојува од 20 до 23 илјади денари годишно.
Познавачите велат дека во Македонија најчесто се грее една соба. Доколку, пак, се загреваат повеќе простории или домаќинството има сопствено парно греење на дрва, потрошувачката на огревно дрво оди и до 20 и повеќе кубни метри на годишно ниво за што се неопходни и повеќе од 60.000 денари годишно.
Парното греење неколку години по ред поевтинува
Во Македонија во моментов централно греење има само во Скопје иако мрежа има и во Битола, но поради нерентабилноста веќе неколку години воопшто не се користи. Во август годинава парното греење во Скопје поевтини за 3,1 отсто.
Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), цената на Балкан енерџи груп (БЕГ), главниот снабдувач со топлинска енергија во Скопје изнесува 931 денар за потрошена киловат час топлинска енергија, а кај Скопје север 959 денар по киловат час. АД Електрани на Македонија – Подружница енергетика, пак, наплаќа паушална цена која изнесува 34,37 денари по квадратен метар доколку се плаќа на 12 рати или 68,74 денари ако се плаќа на шест рати.
Пресметката, според калкулаторот на РКЕ, покажува дека просечната сметка за греење на стан од 60 метри квадратни изнесува околу 2.000 денари месечно доколку сметката се плаќа на 12 еднакви рати или 4.000 денари ако се плаќа на шест рати. Произлегува дека годишно за греење на стан од 60 метри квадратни се неопходни околу 24.000 денари. Предноста на овој вид затоплување во однос на другите е што се грее цела станбена површина.
Податоците на БЕГ покажуваат дека 36 отсто од потрошувачите во главниот град или преку 55.000 се греат на централно греење. Од останатите 64 отсто нешто помалку од половината се греат на дрва и фосилни горива, а другите на електрична енергија.
Греењето со пелети еколошки поприфатливо, но поскапо од греење со огревно дрво
Со субвенциите што ги дава Град Скопје и некои општини во внатрешностана земјава за купување на печки на пелети, одреден процент на граѓани се преориентираа затоплувањето на станбениот простор да го вршат со овој енергенс. Субвенцијата изнесува 70 отсто од вредноста на печката на пелети, но не повеќе од 30.000 денари. Мерката не ги опфаќа домаќинствата во Скопје што имаат приклучок на градското централно греење.
Печката на пелети троши од 10 до 15 килограми пелети дневно, а цената на пелетите во зависност од квалитетот и тежината во стовариштата и на интернет чини од 12.930 до 14.600 денари за тон, а во малопродажните објекти се движи од 14 до 18 денари за килограм во зависност од квалитетот, односно од 210 денари до 270 денари за 15 килограми. Од тоа произлегува дека месечните трошоци изнесуваат над 6.000 денари или околу 36.000 денари на годишно ниво за загревање на површина од 60 квадратни метри.
Греењето на струја во мемнтов еколошки најприфатливо
Во Македонија особено тешко е да се процени колку домаќинства се греат на електрична енергија, бидејќи никој нема обврска да најави со што ќе се грее. Греењето на струја, според експертите, во моментов е еколошки најприфатливо за урбаните среднини, ако се изземе од предвид дека 70 отсто од потребите за електрична енергија се обезбедуваат од РЕК Битола која работи на јаглен и со тоа значително ја загадува животната средина во непосредната оклина на термоцентралата.
Пресметките покажуваат дека за греење на електрична енергија просечно македонско домаќинство треба да одвои и до 30.000 денари во нормално студена година, а доколку температурите се пониски сумата значително се зголемува.
Ако се има предвид дека цената на електричната енергија за еднотарифните мерила изнесува 4,44 денари за потрошен киловат час и ако се знае дека за загревање на една просторија од дваесетина метри квадратни просечно се трошат по околу два киловат часови електрична енергија на час, лесно може да се дојде до податокот дека дневно за греење ќе се потрошат по околу 25 киловат часови или околу 111 денари. Кога на нив ќе се додадат и 18 отсто за ДДВ се добива дека дневно ќе се трошат по 130 денари за загревање или 3.900 денари месечно, односно околу 24.000 годишно.
Цената би била речиси двојно помала доколку се грее со инвертер (клима уред што работи на пониски температури и троши помалку електрична енергија од вообичаените клими), но ваквиот вид на греење експертите не го препорачуваат како главно, туку само како помошно, бидејќи при екстремно ниски температури под – 15 степени Целзиусови инвертерот најчесто не може да работи или не може доволно да загрее.
Доколку домаќинството има двотарифно броило цената на електричната енергија се движи од 5,54 денари за скапата до 2,78 денари за евтината тарифа. Ако, пак, се знае дека евтина тарифа има во периодот од 22 до 7 часот, кога најчесто не се грее, и секој ден од 14 до 16 часот, а во недела цел ден, лесно може да се оцени дека за затоплување со двотарифно броило треба да се одвојат повеќе средства. Доколку, пак, се загрева целиот станбен простор сметката за струја месечно може да изнесува и до 10.000 денари.
Во Македонија има и можност за загревање со геотермални води, особено во Кочанско, но тие најчесто се користат за одгледување градинарски култири под стакленици, а има и домаќинства во Куманово и Струмица што се греат на природен гас, како и во Битола и Кичево кои се греат на јаглен.
Според публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“, 62 отсто од вкупниот број домаќинства во Македонија користат дрва како примарен извор на енергија, 29 отсто се греат на електрична енергија, а само осум отсто се приклучени на централно парно греење. (МИА)