Градоначалникот на Солун Бутарис, почесен доктор на науки на „Шефилд“

Градоначалникот на Солун Јанис Бутарис е почесен доктор на науки на Меѓународниот факултет на „Универзитетот Шефилд“, „Сити Колеџ“ во Солун. Дипломата ја доби на свеченоста на колеџот, одржана во саботата, заедно со бројни студенти од регионот кои тука го комплетираа образованието. Меѓу нив имаше и бројни македонски студенти.

“Учењето во Солун, дипломата и искуството ми помогнаа за се понатаму што ми се случуваше во животот, и во професионалната кариера и на приватен план. Пријателите ми се од тука, а со познанствата што ги оствари, дојдов до момент сега да можам да предавам неколку модули во одделот за Компјутерски науки на Факултетот. Квалитетот на студиите и тежината на дипломата не се мери со ништо друго што ми беше во близина дома, а и во целиот регион”, изјави Иво Нешковиќ од Скопје, дипломец и кандидат за докторски студии.

На Јанко Дракуловски, дипломец од МБА програмата, основна цел му била да го надгради софтверското знаење за да може успешно да го води својот бизнис.

„Наставата на овој факултет е многу попрактична и се среќаваме со професори кои покрај академското имаат и реално искуство,. Според анализите, Универзитетот Шефилд котира доста високо, а тоа што нашата држава обезбедува стипендии, како и близината на Солун се трите причини за мојот избор”, рече Дракуловски.

Специјалната прослава за дипломираните студенти, која ја следи истата академска поворка како и церемониите на „Универзитетот Шефилд“ во Велика Британија, претставува искажување почит за трудот што го вложиле студентите за да стекнат академско знаење. Сите студенти кои завршиле додипломски, магистерски и докторски студии на факултетот беа претставени на ректорот и заменик канцеларот на Универзитетот, професор Гил Валентин, а потпретседателот за образование професор Вин Морган им ги додели дипломите.

„Денес е прекрасен ден, прослава, вистински знак за успех за студентите кои се тука,  денес се означува крајот на нивните студии и изборот каде ќе одат понатаму, треба да го славиме она што го направиле, нивните достигнувања, и нивните понатамошни успеси како дипломци на Универзитетот Шефилд и на Меѓународниот факултет, Сити колеџ, од Солун“, нагласи Морган.