Гласањето за Преспанскиот договор во грчкиот парламент кон крајот на следната недела
Претседателот на грчкиот парламент, Никос Вуцис, рече дека гласањето за Преспанскиот договор во парламентот ќе се случи кон крајот на следната недела.
„Секој ќе има можност да се искаже“, нагласи Вуцис, додавајќи дека гласањето најверојатно ќе се случи кон крајот на следната недела.
Моментално, владејачката СИРИЗА располага со 145 пратеници во парламентот со 300 пратенички места, откако коалицискиот партнер Независни Грци минатата недела ја напушти владата заради несогласување околу Преспанскиот договор.
Никос Вуцис, во разговор со грчките новинари, завчера, рекол дека Договорот од Преспа треба да биде изгласан од 151 пратеник, бидејќи тоа е добро за земјата и дека ова мнозинство постои.
-Договорот од Преспа, иако Уставот не го налага тоа, треба да биде изгласан од 151 пратеник за да има силна моќ, како во внатрешноста на земјата, така и во меѓународните организации, им рекол Вуцис на новинарите.
Додека, пак, во однос на сценариото да не добие 151 пратеник, претседателот на грчкиот Парламент објаснил дека тогаш „ќе постои прашање на ограничена одговорност во однос на толкувањето, но никој во меѓународните организации нема да постави прашање дека не е валиден“.
-Добро е за земјата и за парламентот да постои јасно мнозинство и мислам дека ќе постои, бидејќи е силен историски договор, коментирал Вуцис.
Во меѓувреме, грчките власти очекуваат илјадници демонстранти в недела да излезат низ улиците на Атина во протест против Договорот од Преспа.