Германија и Франција ќе предложат данок врз финансиски трансакции во ЕУ
Берлин и Париз на денешниот состанокот на Еврогрупата ќе предложат данок врз финансиските трансакции во ЕУ, објавија повеќе европски медиуми.
Информацијата ја откри германскиот весник „Зидојче цајтунг“ чиј новинар имал увид во писмениот предлог на двете земји.
Данокот врз финансиски трансакции исто така познат како „Тобин такса“ или ФТТ во ЕУ се дискутира веќе осум години, но никогаш не е постигната општа согласност меѓу членките. Целта на оваа мерка е да се оданочат акции на големите компании. Во Франција веќе постои ваква такса, која ги оданочува компаниите кои тежат над една милијарда евра на берзата.
Според Германија и Франција воведувањето на „Тобин таксата“ би им овозможило на земјите членки да ги намалат своите придонеси во буџетот на ЕУ и да се „зајакне кохезијата на ЕУ.
– Земјите кои би ја вовеле мерката би имале право да го одбијат износот добиен благодарение на овој данок од нивниот придонес кон европскиот буџет. Мерката би придонела и за создавање буџет за еврозоната, се наведува во белешката на министрите за финансии на Германија и на Франција.
Но, „Зидојче цајтунг“ истакнува дека Париз и Берлин не се согласуваат околу тоа дали само земјите од еврозоната или сите земји членки на ЕУ. Според весникот, Франција претпочита данокот да се однесува на деветанесетте земји на еврозоната и на нејзиниот буџет додека Германија преферира тој да се однесува на буџетот на 27-те земји членки на ЕУ.
Министрите ќе ја дискутираат оваа тема попладнево на состанокот на Еврогрупата, односно членки на еврозоната, во Брисел.