Гарет: Потребна е политичка храброст за да се реши спорот за името


Решение за спорот со името е централно безбедносно прашање за целиот регион, и за западните земји заедно со Велика Британија, изјави британскиот амбасадор во Република Македонија, Чарлс Гарет во интервју за телевизија „Телма“.

Гарет очекува од Македонија и од Грција да направат компромис, а решението ќе биде пресвртница за иднината на Македонија.

Британскиот амбасадор во интервјуто зборува за руските закани, но и за очекувањата наскоро македонскиот Парламент да почне да функционира.

– Јас сум претпазлив оптимист. Гледам дека преговорите продолжуваат. Има позитивни коментари јасно е дека има посветеност во обидите на двете страни, на Атина и на Скопје, и на Грција и на Македонија е да го решат ова прашање засекогаш. Знам дека има тежок момент. Потребна е политичка храброст за да се постигне потребниот договор, рече британскиот амбасадор.

Гарет нагласи дека во целиот процес треба да се внимава на две работи. Првата е дека во текот на преговорите секоја од страните мора да направи еден вид компромис. Втората работа се огромните можности што се отвораат за Македонија, но и за двете страни. Ако има договор, овие можности можат да бидат пресвртница за Македонија.

На прашањето дали во овој тежок момент може да се очекува помош, некој вид посредништво на сојузниците меѓу кои и Велика Британија, за да заврши процесот, Гарет истакна дека таа поддршка постоела отсекогаш.

– Секогаш сме ги поддржувале двете страни, во однос на ова прашање, што им носи бенефит и на двете страни кои се инволвирани. Ова прашање е од интерес и важност кои имаат многу поширок опсег, не само за регионот, туку и за земји како што е Велика Британија, тоа е од сериозен безбедносен интерес за Балканот, но ова е и централно безбедносно прашање. Затоа силно ги поддржуваме и ги охрабруваме двете страни, рече Чарлс Гарет во интервјуто за „Телма“.