„Гардијан“: Африканските земји сакаат да ги спречат „излезните центри“ на ЕУ


Британскиот „Гардијан“ објави детали од документ на Африканската Унија (АУ) според кој 55-те земјите членки на АУ се противат на европскиот план за отворање „излезни платформи“ во Африка за да спречат миграција кон европскиот континент.

Соочена со застој во реформата на миграциската политика поради спротивставените ставови на земјите членки, ЕУ минатата година понуди да се креираат „излезни платформи“ во некои африкански земји кои се наоѓаат на миграциските рути кон ЕУ. Предлогот беше одбиен од Мароко и неколку други африкански земји, но овој пат АУ зазема консензуален став по ова прашање, открива „Гардијан“.

Според документот до кој дошол „Гардијан“, земјите членки на АУ сметаат дека овие центри кои ги нуди ЕУ го прекршуваат меѓународното право, затоа што станува збор за „де факто затворени центри“. Слични кампови постојат во Либија, каде според Обединетите Нации, затворените мигранти преживуваат „незамислив хорор“.

Идејата за излезните центри во ЕУ се појави лани како обид да се изнајде согласност помеѓу земјите членки, иако концептот останува нејасен, исто како и неговата примена на терен. Притоа, ниту една трета земја, ниту во Африка, ниту во Европа, до сега не прифатила да отвори таков центар на своја територија.

– Етаблирањето излезни платформи на африканскиот континент за процесуирање на барањата за азил од Африканци кои бараат меѓународна заштита во Европа би било спротивно на меѓународното право, правото на ЕУ и правните инструменти на АУ во однос на бегалците, се наведува во драфтот на АУ. Отворањето излезни платформи би било еднакво на де факто затворени центри каде темелните права на африканските мигранти ќе бидат нарушени, објавен во „Гардијан“.

Сепак, АУ сѐ уште не го објавила официјално својот став, но се очекува да не претрпи големи промени.

Како што потсетува „Гардија“, правните служби на Европската Комисија, во доверливо документи, исто така ја доведуваат во прашање законитоста на ваквите „платформи“.