„Газета Експрес“: Брисел нема датум за следна средба Тачи-Вучиќ


Неуспешното продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина на 7 септември во Брисел, односно одбивањето на претседателот на Србија Александар Вучиќ да се сретне со неговиот косовски колега Хашим Тачи, го одбележа почетокот на блокадата на неколкугодишниот процес на дијалог за постигнување договор за споровите меѓу Косово и Србија, објави денеска „Газета Експрес“.

Освен тоа, според приштинскиот портал, идејата на главниот косовски преговарач, претседателот Тачи, за корекција на границите и размена на територии со Србија, како дел од конечниот договор меѓу двете земји, доведе до тоа и „косовскиот политички фактор да се забарикадира против и да не може да се најде консензус околу тоа кој треба да ги води преговорите“.

„Газета Експрес“ напоменува дека лидерите на главните владејачки партии, претседателот на Собранието Кадри Весели (лидер на Демократската партија на Косово – ПДК), премиерот Рамуш Харадинај (Алијанса за иднината на Косово) и вицепремиерот Фатмир Лимај (Социајлдемократска иницијатива – Нисма), се обидуваат со нацрт-резолуција да го „исфрлат од игра Тачи“ и во Брисел како главен преговарач да оди Фатмир Лимај, на чело на собраниска делегација сочинета од претставници на власта и опозицијата.

Меѓутоа, како што јавува дописникот на МИА од Приштина, таквата иницијатива на владејачките партии не добива поддршка од двете најголеми опозициски партии – Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Самоопределување (ВВ), кои бараат претходно исполнување на одредени услови, меѓу кои одржување на пленарна седница за дијалогот со Србија, која ја побара опозицијата, а која беше отфрлена од парламентарното мнозинство.

Освен оваа политичка блокада во Косово, ниту Брисел, кој е олеснувач во дијалогот Приштина-Белград, не знае кога би можела да се закаже следната средба на високо ниво меѓу двете држави.

Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчиќ истакна дека во моментов не може да се зборува за датум за наредната средба на претставниците на Приштина и Белград во Брисел.

– Во овој момент не можеме да дадеме никаков датум за наредната средба на високо ниво во контекст на дијалогот. Но во моментот кога ќе имаме еден датум, ние ќе го соопштиме јавно, изјави Коцијанчиќ за „Газета Експрес“.

Запрашана што би се дискутирало на таа наредна средба, Коцијанчиќ изјави дека „агендата и форматот на дијалогот се определува од двете страни“.

Главниот владин претставник во дијалогот во Брисел, Авни Арифи, изјави дека е неопходно косовските партии да ги надминат разликите и да се обединат во процесот кој, според него, е од животно значење за ксоовската држава.

– Како шеф на техничкиот дијалог меѓу Косово и Србија, сметам дека е од животно значење политичките партии, институционалните лидери, позицијата и опозицијата, да ги надминат разликите и да формираат група каква што е предложена од Владата, за да бидеме заедно во овој значаен процес. Во моментот кога ќе се обединиме ќе стане полесно и Косово во секоја варијанта ќе излезе како победник, посочи Арифи за приштинскиот портал.

Според него, дијалогот е блокиран поради недостатокот на подготвеност кај српската страна да расправа за прашањата кои останале да висат, додека, како што рече, Приштина е подготвена во секој момент да седне и да ги продолжи преговорите со српската страна за спорните прашања кои останале нерешени.