Вљубените ќе дегустираат врвно вино на свечениот концерт на Македонска филхармонија


14 февруари-Денот на вљубените и на лозарите ќе се прославува на врвна романтична музика со врвно вино. Со свечениот традиционален концерт на Македонската филхармонија, насловен „Murder Ballads“  почнува соработката на оваа културна институција со винаријата „Тиквеш“, соопшти денес на прес-конференцијата во Скопје, директорот Виктор Илиески.

„Сите знаеме дека кај нас е навистина тешко да се обезбедат спонзорства коишто би вложиле во културата, во уметноста, и токму затоа оваа соработка за нас е мошне значајна. Познато е, исто така, дека традицијата на винарството во Македонија е голема, затоа што ова е поднебје каде што се создаваат навистина добри вина, со мирис на југот, со вкус на песната. А, токму ‘Тиквеш’ има огромен удел во тоа не само да ја продолжи традицијата, туку и да го одржи и зголеми квалитетот на винарската индустрија“, истакна Илиески.

„Високото реноме на Македонската филхармонија, квалитетот и уметничките дострели се од големо значење за публиката и уметноста. Оттаму, за нас беше логично да ги поврземе врвните македонски вина и брендот „Тиквеш“ со една ваква институција, создавајќи со тоа силна врска меѓу врвното вино и врвната уметност, изјави на пресот Елена Младеновска-Јеленковиќ, менаџер за односи со јавноста во „Тиквеш“.

Билетите за свечениот концерт на Филхармонија се веќе распродадени.

„Овој пат правиме еден навистина уникатен, несекојдневен концерт. Под диригентство на Џијан Емин, и во негови аранжмани, ќе бидат изведени теми од култните и влијателните уметници и групи како Леонард Коен, Ник Кејв, Том Веитс, Џони Кеш, ‘Портисхед’, ‘Масив Атак’, Ненси Синатра.. Како солисти ќе настапат пејачите Бранислав Николов, познат како вокалист на групата „Фолтин“ и Тања Царовска, која кариерата ја гради и надвор од земјава. Ќе учествува и актерот од Прилепскиот театар, Димитар Ѓорѓиевски. Особено го истакнувам овој настан, затоа што правиме нешто поинакво од она што се пласира не само на подиумот на Македонската филхармонија, туку воопшто на музичката сцена кај нас, па и во светот. Голем дел од композициите коишто ќе бидат изведени таа вечер, првпат добиваат оркестарски аранжмани“, рече Илиески. (Л.С.)