Вработените во „МЖ-транспорт“ бараат плата до четврток

Независниот синдикат на машиновозачите и железничарите на Македонија, Синдикалната организација на вработените на подружница влеча на возови, Синдикалната организација СММ и Синдикалната организација на „МЖ-транспорт“ АД Скопје се приклучуваат кон најавата за прекин на работните обврски доколку не се исполнат барањата за исплата на плата и материјални трошоци и здравствено осигурување.

Ваквата одлука, како што соопштуваат денеска, е донесена на состанок одржан вчера. Во соопштението наведуваат дека во овие синдикални организации членуваат 90 отсто од вработените во „МЖ -транспорт“.

Вчера, исто така, прекин на работните обврски најавија и членовите на Независниот синдикат на машински и извршен персонал.

Тие побараа до четврток да биде исплатена платата и материјалните трошоци за октомври, доколку не се исполни барањето од петок наутро нема да ги извршуваат работните обврски.

Претседателот на Независниот синдикат и извршен персонал Душко Чакаровски вчера изјави дека тие бараат да се деблокира сметката која според нивни информации е блокирана од 2-ри месецов поради долг од 60 милиони денари за неплатена сметка за електрична енергија кон фирма од Бугарија.

– Сметката на нашата фирма е блокирана од 2 ноември од бугарска човек – фирма со име „Рисивар“, за неплатена електрична енергија во висина од 60 милиони денари и тоа во време кога фирмата работеше најпрофитабилно (имаше превоз на емигранти каде отидоа тие огромни средства) од 2016 година и не можеме да функционираме.  Бараме од повисоките структури во државата благовремено да интервенираат и да го решат овој проблем за да функционира железницата, а со тоа и стопанството во државата, изјави Чакаровски.

Тој се надева дека ресорното Министерство за транспорт и врски и Владата ќе го решат проблемот и нема да дојде до прекин на транспортот на суровини за стопанството и ќе можат да сообраќаат и меѓународните транзитни возови.