Во Штип ќе се гради втората фаза од обиколницата

Продолжува изградбата на мини обиколницата во Штип, која треба да го реши сообраќајниот хаос на влезот од градот, каде што се лоцирани и индустриските зони. Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски информираше дека веќе е избран изведувач за изградба на втората фаза од штипската обиколница, од фабриката „Баргала“ до булеварот „Гоце Делчев“, каде ќе се гради кружен тек.

– Наскоро започнуваме со изградба на вториот дел од обиколницата, којашто ќе чини 10,5 милиони денари. Тоа е цена,која е намалена за околу три милиони денари со електронската аукција и имаме веќе фирма изведувач. Ние, како Општина Штип, обезбедивме средства и за првата и за втората фаза од обиколницата, рече Бочварски.

Што се однесува за изградбата на мостот на реката Брегалница, кој треба да ги поврзи најголемите штипски населби со индустриските зони веќе се прави во фабриката, која го доби тендерот.

– Направив увид во фабриката. Мостот е од метална конструкција којашто е доста специфична, на доста голем распон од 60 метри, вели Бочварски.

Изградбата на обиколницата во Штип ќе зависи од временските услови, но според првичните планови се очекува да биде отворена за сообраќај во текот на пролетта 2019 година.Динамиката на работа на обиколницата, ќе зависи од временските услови. Сепак, според плановите, истата ќе биде ставена во функција на пролет следната година.