Во турските затвори се наоѓаат 10.000 припадници на ИД


Во затворите во Турција се наоѓаат околу 10.000 припадници на џихадистичката група Исламска држава (ИД), изјави денеска турскиот премиер Бинали Јилдирим во обраќањето на Минхенската безбедносна конференција.

– Спречивме 5.800 странци да ги минат нашите граници и ги вративме назад. Од каде мислите дека доаѓаа тие? Доаѓаа од европските земји, нагласи Јилдирим.

Тој додаде дека уште на околу 4.000 други осомничени џихадисти не им било дозволено да влезат во Турција.

На почетокот на месецов турскиот министер за правда Абдулхамит Ѓул соопшти дека во затворите во Турција се наоѓаат 1.354 лица осомничени за поврзаност со ИД.

По избувнувањето на сирискиот конфликт Турција беше обвинувана дека дозволува слобден премин на исламисти од нејзина територија во Сирија, каде потоа тие се приклучуваа на разните екстремистички групи, вклучително и на ИД. Сепак во последниве години Анкара ја зајакна контролата на својата граница кон Сирија и спречи повеќе обиди за премин на исламисти.

Осврнувајќи се на сириската криза, Јилдирим во својот говор во Минхен нагласи дека Турција не води војна против Сирија, туку се бори противтероризмот во оваа блискоисточна земја.

– Турција не води војна против ниту една земја во светот. Во Сирија не станува збор за војна, туку за борба против терориситте. Таква борба не води само Турција, туку и 62 други држави кои се дел од меѓународната антитерористичка коалиција предводена од САД, како и Русија и Иран, нагласи турскиот премиер.

Јилдирим при тоа порача дека ако некоја земја започне војна со Турција, ќе добие „соодветен одговор“.

Тој говореше и за турската воена операција против силите на сириските Курди во реонот на градот Африн во северозападма Сирија, нагласувајќи дека таа акција не е во спротивност со меѓународното право.

На 20 јануари Турција почна воена операција во Африн против Силите за заштита на народот на сириските Курди, кои Анкара ги смета за огранок на Курдската работничка партија (ПКК) во Сирија. ПКК, која се бори за автономија на Курдите на турска територија, се наоѓа на листата на терористички организации на Турција, ЕУ и САД.