Во Белград ќе се градат 54 фонтани и ќе се подигнуваат споменици


Во следните неколку години во Белград ќе бидат изградени 54 фонтани и секоја од нив ќе претставува мало уметничко дело, изјави денеска менаџерот на градот Белград, Горан Весиќ.

– Фонтаните ќе имаат неправилен облик и ќе бидат поставени во парковите, на платоа, на плоштади, крстосници… Некои ќе бидат мали, а некои ќе чинат 10.000, 20.000 евра. Но ниту една нема да биде со големина како онаа на Славија, поради малиот простор, изјави Весиќ за весникот „Политика“.

Тој додаде дека одделни фонтани ќе имаат и скулптури и дека тие ќе бидат лоцирани на места кои сега изгледаат напуштено, како што се кружните текови во Нов Белград, Богословија и Топчедарска ѕвезда, Мањеж, Савскиот плоштад, Автокоманда итн.

Според Весиќ, бројката од 54 фонтани не е произволно избрана, туку за толку локации е утврдено дека ги исполнуваат условите за градски фонтани и за нив се добиени дозволи од надлежните институции.

– За повеќето фонтани ќе се распише архитектонски конкурс, а за некои не, истакна градскиот менаџер, додавајќи дека нивната изградба ќе заврши за четири до шест години.

Иницијативата за изградба на 54 фонтани во Белград ја даде српскиот претседтаел Александар Вучиќ.

Минатата година на плоштадот Славија беше изградена Музичката фонтана, која има 800 метри квадратни водена површина, 350 млазеви и над 400 рефлектори во боја, а нејзината изградба чинеше 1,8 милиони евра.

Покрај фонтаните, од 2014 година се реализира проектот „Белград на вода“, инвестиција вредна 3,5 милијарди евра, а веќе се почнати четири деловни згради, вклучувајќи го најголемиот трговски центар во регионот, кула од 122 метра, дел од хотелскиот комплекс, станбени објекти.
Паралелно, во Белград се подигнуваат и споменици. По поставувањето на споменикот посветен на кинескиот филозоф Конфучие на Нов Белград, на рускиот цар Николај, на Гаврило Принцип и на мајорот Тепиќ, идејата за нови споменици зема замав со иницијативата за подигнување споменик на Слободан Милошевиќ од страна на Социјалистичката партија на Ивица Дачиќ, за што се води остра полемика дали неговиот лик и дело заслужуваат обележје. Белграѓани се уште чекаат на веќе донесената одлука за подигнување споменик на убиениот премиер Зоран Ѓинѓиќ, за кој е веќе изработен проект. Споменикот, кој требаше минатиот месец да биде подигнат во Студентскиот парк, доцни, а ќе биде во форма на стрели високи шест ипол метри, во бело сребро, а ќе има звучна инсталација од која ќе се слушаат зборовите на Ѓинѓиќ и звуци на градот.

Минатиот месец заврши и конкурсот за изградба на споменик на средновековниот српски владетел Стефан Немања. Споменикот, кој е висок 15 метри и тежок 60 тони, ќе се наоѓа на средина на Савскиот плоштад, со што сегашната Железничка станица ќе се дислоцира во станицата Прокоп на Дедиње и ќе прерасне во Музеј на средновековна Србија.

Во Белград за време на градските избори најавено е дека ќе почне и изградба на метро.