Висар Имери поднесе оставка од лидерската функција во „Самоопределување“


Висар Имери попладнево поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на движењето „Самоопределување“.

Освен од функцијата претседател, Имери се повлекува и од сите други функции од оваа партија.

Веста за повлекувањето тој ја соопшти на средба со новинарите во седиштето на партијата, а беше најавена неодамна, со што излегоа на виделина недоразбрањата меѓу клучните луѓе во партијата.

– Од овој момент се повлекувам од сите мои позиции во движењето „Самоопределување“. Мојата оставка е неотповиклива. Ова е најтежок момент во мојот живот, истакна Имери.

Во партијата се подготвуваат за изборниот процес во партијата и закажаниот конгрес на почетокот од идниот месец. Досега официјализирана е кандидатурата на Албин Курти кој е основач на „Самоопределување“ и го предводеше до март 2015 година, кога го замени Имери.

„Самоопределување“ е трета по големина партија во Косово. На јунските избори, на кои настапи самостојно, освои 31 пратеничко место.