Викторија Лоба ги откри ритуалите на убавина: Ако ги истакнувате очите, не ги истакнувајте усните


Сите жени се убави на свој начин, вели поп-пејачката Викторија Лоба (29) која освен со гласот, ja освои македонската сцена и со својата става и ангелски изглед.

Лани заплива и во манекенските води, како заштитно лице на домашна компанија за долна облека, а годинава е прва македонска ѕвезда која стана заштитно лице на шведската козметичка компанија „Орифлејм“.

– Јас сум артист и тоа вклучува повеќе таленти и, секако, многу одговорна работа што јас со широко срце ја прифаќам зашто ме прави да се чувствувам слободна, среќна и исполнета, вели Лоба за своите ангажмани.

Ни ја откри тајната на својата ангелска убавина и нежниот бел тен.

Кои се твоите козметички ритуали?

– Верувам дека моите козметички ритуали се сведуваат на континуирана секојдневна нега на кожата и своето тело. Ништо толку специјално не преземам, но не заборавам да држам баланс во исхраната, да пијам нормално количество на чиста вода и да ја хидрирам кожата на лицето и телото.

Што ти е најважно на лицето? Да ги истакнеш очите, усните или сѐ?

– Постои непишано правило – ако сакаш да ги истакнеш очите, не ги истакнувај усните и обратно. Јас некако природно го следам тоа правило, најчесто сакам да ги истакнам усните со кармин во интензивна боја, кој ми одговара на расположението и аутфитот, ги користам кармините „The ONE colour obsession“. Тие се како измислени за мене, зашто даваат интензивна боја и ги негуваат усните истовремено.

Како го негуваш лицето?

– Наутро и навечер го исплакнувам лицето со ладна вода за да го забрзам крвотокот, потоа нанесувам серум, па крем за лице и крем за очи. Некогаш знам да се „почестам“ и со маска за лице за подобра хидратација.

А косата?

– Косата ја оставам на професионалци во „Ај-ди хаир бар“ (ID hair bar), не знам каква магија ми прават, но косата ми е здрава и многу нежна на допир. Кај нив постојат неколку третмани за брзо да ја вратите ваша „грива“ во здрава состојба и да изгледате совршено.

Која е твојата секојдневна шминка, а која вечерна?

– Секојдневната шминка и вечерната се разликуваат минимално со тоа што во вечерната ги нагласувам или очите со потемна смоки-сенка или усните со впечатлив кармин. Пудрата ја мешам со крем за хидратација во сооднос 50-50 и ја нанесувам на лице, тенот ми е многу важен. Потоа ставам малку руменило во нежни праска нијанси, маскара и ги дефинирам веѓите. За крај на Т-зоната на лицето нанесувам малку транспарентна пудра во прав.

Дали правиш разлика за шминката кога си гламурозна, а кога си спортски облечена?

– Најчесто, кога сум во спортски аутфит, можете да ме сретнете без шминка воопшто, спорт и шминка некако не ми одат заедно, но затоа секогаш имам нанесено крем со фактор, маскара и лабело.

Чии совети за убавина ги почитуваш?

– Секој има нешто интересно да сподели, многу почитувам совети од стручни лица, козметичари. Тие најдобро знаат што да посоветуваат и тоа да е издржано.

Каква боја на сенка сакаш, каква нијанса на кармин, а каква за руменило за лице?

– Сакам топли кафени и крем нијанси на сенка, сметам дека тие најубаво ми стојат.

Карминот мора да е темноцрвен, додека руменилото секогаш е во нијанса на праска.

Дали веруваш во мотото дека жената е убава колку однадвор толку однатре?

– Секако дека внатрешната и надворешната убавина се поврзани. Затоа велат – доколку се грижиш за внатрешното здравје и убавина, ќе сјаеш и однадвор. Здрава исхрана, добри мисли, секојдневна нега и добар сон се клучот кон убавината однатре и однадвор.

Кој е твојот ритуал наутро, а кој пред спиење?

– Како што напоменав, сакам да го мијам лицето со ладна вода навечер и наутро. Наутро знам да си сварам зелен чај наместо кафе и потоа наместо појадок си правам протеинско смути со протеинот велнес ванила и моето омилено овошје круша, банана, свежи или замрзнати јагоди, некогаш можам да вметнам и авокадо, така сум сита сѐ до ручек.

Како заштитно лице на козметички бренд треба да бидеш пример за другите девојки. Кој е твојот совет?

– Да практикуваат пред сѐ добар сон, зашто само додека спиеме ние се регенерираме. Да се хранат здраво и избалансирано, да не се плашат од протеини зашто тие ни помагаат во нашата цел да изгледаме здраво однадвор и да се чувствуваме одлично секој ден. Да се пие чиста вода минимум 4-5 чаши дневно и да не забораваме на надворешната хидратација на кожата, тука имаме голем избор на кремови и секоја девојка може да го пронајде кремот што најмногу ѝ одговара. Јас мојот крем го пронајдов – тоа е линијата „NovAge True perfection“, тој целосно ѝ одговара на мојата возраст, интензивно ја хидрира и ми дава сјаен тен.

Лејла Сабит