(ВИДЕО/ФОТО)Претставен новиот „галакси с9“: Двојна камера, вештачка интелигенција…

  • Настанот се одржа во Барселона, а беше присутен и нашиот медиум, „Независен.мк“

Со двојна камера што фотографира ем во исклучително темни услови, ем во ситуации со заслепувачки силна светлина се одликува новиот мобилен уред на „Самсунг“, моделот „Галаки С9“ (Galaxy S9), чијашто светска промоција се одржа вчеравечер во Барселона. На овој настан, кој беше како празник за сите вљубеници во високоразвиената мобилна технологија, беше присутен и нашиот медиум, „Независен.мк“.

Настанот се одржа во познатиот саемски центар, „Fira de Barcelona“, каде новиот мобилен уред имаа можност да го видат претставници од голем број светски медиуми. Целиот настан наликуваше на шоу во кое главниот збор го имаа првите луѓе на компанијата.

Телефонот „Галакси С9“, како што беше истакнато, е направен да ги исполнува новите потреби на корисниците. Наместо за зборување, уредот, според прикажаното, ќе нуди многу повеќе можности комуникација преку визуелизација и снимање, како и во полето на вештачата интелигенција и на забавата.

Уредот е опремен со двојна задна камера, што на корисниците на овој мобилен уред ќе им овозможи креирање значително подобри фотографии и во мигови кога речиси и нема доволно светлина за снимање.

Причината за новитетот на полето на камерата е што корисниците, како што истакнаа од „Самсунг“, своите мобилни уреди сè повеќе ги користат како средства со кои се изразуваат претежно визуелно, преку фотографии, „селфија“, снимања во живо, како и за видео-комуникација.

– Начинот на кој ги користиме нашите паметни уреди се промени со еволуцијата на комуникацијата и на самоизразувањето. Со „галакси с9“ и „с9“ имагинативно ја реинтерпретиравме камерата кај нашите паметни телефони… Станува збор за паметни телефони кои се дизајнирани да им помогнат да се поврзат со останатите и да се изразат на начин кој е единствен за нив, оставајќи свој личен печат – истакна ДЈ Кох (DJ Koh), Претседател и менаџер на Сектор за ИТ и Мобилна Комуникација, во „Самсунг електроникс“.

Измените во камерата, овозможуваат новиот уред да снима и видеа со ултра забавена брзина, односно со 960 фрејмови во секунда. Тоа значи дека со камерата на „Галакси с9“ можат да се откријат движења што не е можно да се видат со голо око.

Според Милан Вујовиќ, првиот човек на „Самсунг електроникс“ за јадранскиот регион, во кој се наоѓа и Македонија, новитетите се во насока на новиот начин на користење на мобилните уреди.

– Се надеваме дека измените ќе донесат револуција во комуникацијата кога станува збор за употреба на фотографија. Сега телефонот „гледа“, како што гледа и човековото око – вели Вујовиќ.

Согласно трендот за развој на вештачката интелигенција, пак, уредот го содржи гласовниот асистент „Бигзби“ којшто преку камерата се претвора во личен преведувач и помошник при купување.

Во делот со забава, пак, „деветката“ на „Самсунг“ носи новитет со кој т.н. емотикони стануваат персонализирани. Наместо класичните „смајлија“, секој ќе може да креира „емотикони“ според сопствениот лик и да ги користи во комуникацијата.

За вљубениците во аудио перформансите, моделот „галакси с9“ има вградено и стерео звучници.
Како и претходикот, и „деветката“ на „Самсунг“ доаѓа во две величини. Тоа е „галакси с9“ со големина на екран од 5,8 инчи и „галакси с9+“ со големина на екран 6,2 инчи. И кај двата модела, екранот е заоблен и дава ефект на неограниченост.


Корисниците ќе можат да ги набават уредите во следните бои: полноќно црна, корално сина, како и во новата нијанса, пурпурно виолетова. Во Македонија, продажбата на уредите ќе започне од 16 март. Цената засега не се открива.

Промоцијата на новиот „галакси с9“ беше увертира кон отворањето на Светскиот конгрес за мобилна технологија што од денеска до крајот на оваа недела ќе се одржува во Барселона, при што со свои иновации ќе се претстават сите најголеми светски водечки играчи на полето на мобилните уреди.

 

(Од Барселона, за Независен.мк: Тоше Огњанов)