Вечер завршува 39. Скопско лето: 60 настани и илјада учесници


Со вечерашниот концерт на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија (Сули ан, 20.30), „Скопско лето“ го завршува 39-тото издание. Од 21 јуни, кога фестивалот во главниот град традиционално се отвора празнувајќи ги истовремено почетокот на летото и светскиот ден на музиката, до денеска имаше 60-ина настани со речиси илјада домашни и странски учесници.

Според организаторот – Дирекцијата за култура и уметност-Скопје (ДКУС), бројот на посетителите е во рамки на просекот, меѓу 20.000 и 30.000. Посетеноста е секогаш проценка затоа што содржините на фестивалот се, главно, бесплатни и многу од нив на отворени простори каде што публиката е во движење.

– „Скопско лето“ и годинава со разновидноста, квалитетот и атрактивноста на програмата беше ударно во културниот живот на Скопје од 21 јуни до 31 јули. Оценката е позитивна и задоволителна и ја темелиме на тоа дека она што го најавивме, успеавме да го реализираме. Освен некои опструкции поради времето и мали поместувања на некои настани што беа за отворен простор, а се одржаа на алтернативни затворени простори. Од посетеноста и оваа година можеме да бидеме задоволни и презадоволни. На моменти просторите беа претесни да ги примат сите посетители, изјави за МИА Никола Глигоров, директор на ДКУС.

Меѓу настаните со најголем одѕив од публиката годинава тој ги спомна претставата „Ричард Трети“ на загрепскиот театар „Гавела“ и концертот на Јелена Томашевиќ во преполните МНТ односно МОБ, како и концертот со музичарките од Шпанија минатиот вторник во Музејот на Град Скопје.

Според Глигоров, публиката е разновидна зашто и програмата е таква. Покрај постојаната и верна публика која го следи фестивалот со децении, „Скопско лето“ има и нова, млада публика. И тоа не само за содржини кои сами по себе се привлечни за младите, вели Глигоров, како џез и блуз-концерти и популарна музика, туку тие доаѓаат и за класична музика, ликовни изложби, филм. Годинава имаше и детски блок со три програми наменети за деца и со деца учесници, така што фестивалот имаше и најмали посетители.

-Опстојувањето на „Скопско лето“ во скоро 40 години потврдува дека има потреба за него. Го поддржуваат и посакуваат уметниците, и публиката, исто така. За догодина се надевам ќе обезбедиме коректна поддршка тоа „Скопско лето“ да биде сублимат, пресек на она што се случувало во изминатите години. Не дека ќе пуштиме стари програми, но може да се случи некои имиња коишто биле во годините наназад, повторно да се појават за да нè потсетат. Ќе биде тоа квалитет и врз основа каква била реакцијата на публиката и критиката. Но, секако, ќе откриваме и истражуваме нови перспективи. И натаму основата ќе бидат нашите, домашни уметници и ансамбли, збогатено со гостите од странство, истакна Глигоров.

По старост „Скопско лето“ е втор летен фестивал (основан 19 години по „Охридско лето“) и бил инспирација за такви и слични манифестации низ Македонија и образец по кој се формирале летните фестивали во Битола, Штип, Прилеп…

Почнал во 1980 година со идеја нешто да се случува во летните месеци кога, по завршување на сезоната на инстутуциите од културата, има празнина од јули до септември. Најпрво се организирале фолклорни концерти на тогаш релативно новиот кеј на Вардар. Потоа се проширил со концерти на млади рок-групи низ градот и спонтано се сфатило дека тоа и му треба на Скопје.