Версаче

Лејла Сабит

Хит, а сега мит.

Оригиналот замина во историјата, фалсификатите уште долго време ќе се продаваат и носат низ улиците во светот.

Џани почна, Донатела продолжи, а Мајкл Корс ќе стави крај на една модна епоха, луксузен стил на живеење, фалење од типот јас имам, ти немаш, јас можам, ти не можеш, јас сум бог, а ти поданик.

Версаче е класична приказна дека сè што сјае не е злато, дека среќата не се мери со пари, дека не е доволно славните да те рекламираат и да си во друштво на најубавите жени и мажи во светот.

Што значи да се има стил? Во време кога во светот актерки-тинејџерки се расфрлаат со висока мода како да се маички, па потоа добиваат пофалби за својот стил како да се нови Одри Хепберн, не треба ли малку повеќе за тоа од позајмен фустан и црвен килим?

За да те паметат по стилот, потребни се фантазија, држење, љубов кон уметноста, страст за дизајн и – најважното – добро познавање на себеси, однатре и однадвор. Треба да ја сакате облеката, да се видат умешноста и предаденоста на дизајнерите. За мене естетско доживување е да се направи и наједноставната облека да изгледа шик.

Облеката, тоа сум јас, моето расположение, моето почитување кон настанот или личноста… Живеам динамичен живот, денски – секојдневен, и ноќен – погламурозен. Таква ми е и гардеробата. Стриктно поделена на дневна и ноќна. Ги следам трендовите – но крајниот резултат е гардероба со мојата енергија.

Стилот не е само естетска категорија, туку и второ име за култивираност, космополитизам, елитизам, па дури и облик на ексцентричност и може да се види во секој облик на човечкото дејствување.

Стилот кај жената и кај мажот го препознавам не само по она во што се облечени, туку и по држењето, ставот, енергијата што ја зрачат. Жена со стил е жена што инвестира во својата нега, образование, која е амбициозна, а истовремено и домаќинка, сопруга. Жена што е задоволна од својот живот. Која е информирана, ама не бистри политика по цел ден и ноќ.

Версаче е синоним на ова ново време кога луѓето се ценат по брендови, а не по карактерот.

Секогаш ќе има за и против, за некого и понатаму ќе значи сè, а за некого ништо.

Убавината е во различностите, нели?