„Вашингтон Пост“: Турција поседува докази дека Кашоги е убиен


САД – Турската Влада информирала високи американски претставници дека поседува видео и аудио записи, кои докажуваат дека саудискиот новинар Џамал Кашоги бил убиен во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, тврди весникот „Вашингтон Пост“.

Весникот, чиј соработник беше Кашоги, наведува дека снимките укажуваат оти припадници на судиските безбедносни служби го привеле Кашоги по неговото пристигнување во Конзулатот на 2 октомври за да ги обезбеди потребните документи за венчавка, по што го убиле и го расекле неговото тело.

– Снимките на гласовите во Конзулатот докажуваат што се случило со Џамал по неговото приситгнување, тврди извор на весникот запознат со содржината на записите, кој побарал анонимност.

Изворот наведува дека на снимките може да се слушне како Кашоги бил приведен, сослушуван, измачуван и на крајот убиен.

Постоењето на ваквите записи објаснуваат зошто турските власти веднаш ја обвинија Саудиска Арабија за убиството на Кашоги, но не сакаат јавно да ги обелоденат снимките, бидејќи со тоа ќе се докаже дека Турција ги прислушува странските институции во земјата, наведува весникот.

Портпаролот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Ибрахим Калан вчера соопшти дека на предлог на Саудиска Арабија било одлучено да се формира заедничка турско-саудиска работна група за расветлување на случајот со Кашоги.

Турските медиуми објавија фотографија од наводен саудиски „тим за убиство“, составен од 15 лица, а исто така објавија и видео снимка за „сомнителни движења“ во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул по исчезнувањето на Кашоги.

Саудиска Арабија не го коментираше објавувањето на фотографијата и видео снимката, останувајќи на ставот дека новинарот ја напуштил зградата неповреден.

Претходно, шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу изјави дека очекува целосна соработка од Саудиска Арабија за случајот.

– Сакаме да соработуваме со Саудиска Арабија, бидејќи тоа се случи во саудискиот Генерален конзулат. Саудиска Арабија мора да соработува со нас, посочи Чавушоглу.

Кашоги (59), кој од лани живее во егзил во САД, е долгогодишен новинар. Тој е ангажиран во „Вашингтон пост“ и е познат по критичките текстови за саудиските власти. Во неговите текстови тој ја критикуваше Саудиска Арабија и поради војната со Јемен и спорот со Канада.

Тој е познат по интервјуата со поранешниот лидер на Ал Каеда, Осама бин Ладен и патувањата со него во периодот од 1987 до 1995 година. На почетокот на 90-те години на минатиот век дури се обидувал да го убеди Бин Ладен да се смири со кралското семејство на Саудиска Арабија и да се врати во својата татковина, но тој одбил.