Валтер Дефа – Германецот што ќе го учи Заев

Доаѓа ветената експертска помош од Германија за Македонија. Советникот што го праќа Меркел во тимот на македонската влада влегува на 25 февруари. Тоа е Валтер Дефа, кој долги години бил претставник на Германија во Европската комисија. Како професионалец кој знае како дише Брисел, во периодот на интензивно приближување на Македонија кон Унијата, треба да ѝ помогне на македонската влада во обезбедувањето подобар пристап до европските фондови и во спроведувањето на економските реформи.

Информацијата на „Независен весник“ дека веќе се знае кој ќе биде германскиот советник на премиерот Зоран Заев ја потврди вицепремиерот Кочо Анѓушев.

„Владата на Германија го испраќа Валтер Дефа и таа го плаќа“, ни изјави заменик-претседателот на Владата Анѓушев. – Неговата агенда е да нè научи да ги користиме европските фондови, како да спремаме проекти за да аплицираме во претпристапните ЕУ-фондови и како да ни порасне процентот на реализација на средства од нив.

Бидејќи многу години работи во бриселската администрација, Дефа добро ги знае административните лавиринти и доаѓа со цел да и помогне на Владата и во делот на економските преговори со ЕУ по поглавја. Негова задача ќе биде и олеснување на контакти со германски фирми кои би можеле да инвестираат во Македонија, како и поедноставен пристап на македонските компании на германскиот пазар.

Дефа ќе престојува во Македонија. По него, во јуни, од Германија треба да стигне уште еден советник. За него ќе има отворен повик во Германија што ќе го објави македонската Влада. Тој ќе биде на платен список на Владата, до висина на советничка плата. Остатокот ќе го плаќа ГТЗ – Германска агенција за техничка поддршка. Негови области на работа ќе бидат внатрешните политики и дуалното образование.

На средбата во Берлин минатата недела, вицепремиерот Анѓушев и Хелге Толксдорф од Сојузното министерство за економија и енергетика на Германија каде што е раководител на Одделот за проширување на ЕУ, договориле како ќе функционира Мешовитиот економски управувачки комитет. Тој треба да помогне во реализација на проекти и да овозможи размена на мислења за стратегиски прашања.

„Германија може да нè поддржи преку две финансиски линии – едната преку државната КФВ банка и другата преку комерцијалната Дојче банка. Дискутиравме за некои конкретни проекти, кои би можеле да се реализираат преку управувачкиот комитет“, ни изјави Анѓушев.

Прва задача на управувачкиот комитет е да донесе повеќе германски инвеститори во Македонија, а преку нив и вештини и технологија. Во услови на намален број работници кои би работеле во трудоинтензивни дејности, се очекува влез на компании на повисоко технолошко ниво, кои би вработувале инженери и поедуциран кадар. Иако Германија и во моментов е најдобар економски партнери, со кој имаме речиси 4 милијарди долари размена на годишно ниво, управувачкиот комитет треба да овозможи поголем пласман на македонските производи на германскиот пазар, од текстилната, чевларската, металната и прехранбената индустрија. Зашто сега големата размена е благодарение на компонентите за автомобилската индустрија кои се произведуваат кај нас.

Трета цел на овој комитет е обезбедување финансирање од германски финансиски извори за инфраструктурни проекти во Македонија. Тука влегуваат проектите како железницата, трамвајот во Скопје, односно такви проекти каде што државата не може да најде приватен инвеститор туку сама инвестира.

Кој е новиот советник?

Човекот што свири пијано, сака старогрчки и игра голф, Валтер Дефа (1951) не е некој што бранува. Бил директор на два директорати во Европската комисија, на најголемиот, за даноци и царини, а потоа од 2012 до 2016 и на Директоратот за регионална и урбана политика.

Дефа сака интересни вратоврски и костуми, а го опишуваат како бирократ што знае внимателно да слуша, но исто така е и многу тврдоглав и добар во добивање тоа што наумил.

Почнал со класични студии и учење старогрчки за да продолжи со економија. Во 80-тите години бил советник на Хелмут Шмит, канцеларoт на Германија од редот на социјалдемократите, за прашања како демографија, пензии и пазар на труд. Потоа влегува во Европската комисија, каде што почнува од одделението за економски и монетарни прашања. За потребите на службата, систематски ја проучил и ревизијата.

Доктор е на економски науки и бил лектор на Колеџот на Европа во Бриж. Течно зборува и англиски и француски.

Анита Салтировска