Буџетарите „јадат“ 122 милиони евра повеќе од пред десет години

За 38 милиони евра е зголемен износот за плати на буџетарите оваа година споредено со лани. Во буџетот за 2019 година ставката плати и надоместоци тежи 461,5 милиони евра, а во 2018, со ребалансираниот буџет била 423,5 милиони евра.

Во 2008 година, пак, на стартот на масовната партизација на администрацијата, износот за плати и надоместоци бил 338,6 милиони евра. Тоа значи дека во изминатиов период оваа ставка скокнала за 122,9 милиони евра.

Кога го образложуваше буџетот, Владата објаснуваше дека годинава е планирано зголемување на платите на администрацијата за 5 проценти од септември 2019 година, со цел градење поефикасна и помотивирана јавна администрација. Премиерот и секој министер посебно ги образложуваа своите буџети нагласувајќи дека во 2019 година е планирана реформа на јавната администрација.

„Целта е да се подобрат јавните услуги. Јавната администрација ќе биде клучен носител на преговорите за пристапување кон ЕУ и НАТО“, рече министерот за финансии Драган Тевдовски, а неговиот колега, министерот за администрација Дамјан Манчевски, рече: „Во претходниот период бевме фокусирани на анализи, планови и стратегии.

Оваа 2019 е година на испорака на резултати. Почнуваме со реорганизација и оптимизација на администрацијата. Конечно да ги направиме работите што сите граѓани ги бараат од нас, но никој не сакаше да ги спроведе. Модерна администрација за модерна држава“. Промените во администрацијата беа најавени како услов за успешен процес на скрининг за ЕУ и за НАТО-интеграцијата.