Бугарија обвини висок функционер за фалсификување документи


Бугарските обвинители денеска соопштија дека поднеле обвинение против висок државен функционер, како дел од истрагата за фалсификување документи, за кои тврдат дека им овозможуваат на странците да добијат бугарски пасоши и слободно да патуваат во Европската Унија.

Како што пренесуваат медиумите, Бугарија постигна мал напредок во борбата против корупцијата откако влезе во ЕУ во 2007 година и е под притисок на Европска Комисија да ги зајакне агенциите за спроведување на законот и кривично да ги гони и да ги осуди корумпираните функционери.

Властите во понеделникот го уапсија Петар Харалампиев, шеф на државната Агенција за Бугарите што живеат во странство, под сомневање за земање мито и водење организирана криминална група. Адвокатот на Харалампиев рече дека тој ги негира обвиненијата.

Дваесетина лица, исто така, беа уапсени во истрагата, вклучувајќи го и генералниот секретар на Агенцијата, кој се соочува со обвинение за примање мито и незаконско користење влијание.

Обвинителите тврдат дека апликантите претежно се од Западен Балкан, од Молдавија и од Украина и дека плаќале до 8.000 евра за фалсификувани сертификати кои покажуваат дека имаат бугарско потекло.

Исто така, додаваат дека се плаќало и мито за да се забрза процесот.

Со тие документи апликантите можеа да се пријават за добивање бугарски пасош со кој имаат право слободно да патуваат и работат во 28 земји членки на Европската унија.

Бугарските медиуми објавија дека постои значајно бугарско малцинство во Македонија, Србија, Молдавија и Украина.

Обвинителите тврдат дека не постојат индиции дека такви документи се издадени на странци од Африка, Средниот Исток и Азија. Тие соопштија дека ваквата корумпирана пракса датира од јуни 2017 година, еден месец откако Харалампиев ја презеде агенцијата.