Бугарија вмешана во интернет-измама од 100 милиони евра

Австриската полиција открила голема интернет-измама во сферата на финансиската трговија во која, според првичните проценки, се измамени жители на Европската Унија за околу 100 милиони евра. Дел од инфраструктурата преку која се вршела измамата се наоѓа во Бугарија.

Се смета дека во операцијата била користена лажна онлајн-платформа за трговија со странски и криптовалути, како и со високоризични инструменти, познати како бинарни опции.

Се претпоставува дека во Европа има неколку илјади жртви, соопшти Федералната криминална полиција на Австрија.

Операцијата, која се истражува од средината на 2017 година, користела масовни електронски пораки, социјални медиуми и сопствени кол-центри за да стигнат до измамените жртви.

Австриските власти први ги објавија веб-страниците од кои поголемиот дел ја користеле мрежата во Бугарија и Чешка. Меѓународен заеднички истражен тим ја координира полициската истрага во овие земји.

На крајот на јануари и почетокот на февруари имаше операции против неколку компании во Бугарија, како резултат на што беше уапсен еден од главните осомничени, при што беа запленети милионски суми пари, како и неколку терабајти податоци.