Брнабиќ: Следната година ќе биде поволна за Балканот
Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска на средба со нејзиниот бугарски колега Бојко Борисов изрази надеж дека следната година ќе биде успешна за балканските интеграции во Европската унија.
– Постои големо пријателство меѓу Бугарија и Србија. Секако разговаравме за претстојното бугарско претседавање со Европската унија и за поддршката која таа и ја дава на Србија и на целиот западен Балкан за прием во Европската унија. Се надевам дека 2018 година ќе биде многу поуспешна во европските интеграции за целиот западен Балкан, изајви Брнабиќ.
Таа оцени дека односите меѓу Србија и Бугарија многу напредувале уште во мандатот на нејзиниот претходник Александар Вучиќ и дека за Србија е важна енергетската поврзаност во регионот и изградбата на гасоводни врски.
Во рамки на дводневната посета на Бугарија, како што јави МИА, Брнабиќ во Софија учествува и на меѓународна конференција „Посилни регионални интеграции на Балканот“, на која меѓу остатантите присуствуваат и македонскиот премиер Зоран Заев, премиерот на Албанија Еди Рама, претседателите на Црна Гора и на Косово, Филип Вујановиќ и Хашим Тачи, вицепремиерот и министер за трговија на БиХ Мирко Шаровиќ, како и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.