Брнабиќ: ЕУ не е загрижена од посетата на Путин, Србија нема да биде погодена од квотите за увоз на челик
Европската унија нема стравувања за посетата на рускиот претседател Владимир Путин во Белград, рече премиерката Ана Брнабиќ, која порача дека е важно Србија да има добри односи со сите.
Брнабиќ на новинарите им изјави дека во вторник во Стразбур се состанала со претставници на ЕУ, меѓу кои и со известителот на ЕУ за Србија Дејвид Мекалистер и дека една од темите со нив била посетата на претседателот Путин во Србија.
„Не мислам дека ЕУ има грижи во врска со оваа посета, тие знаат дека имаме традиционално блиски врски со Русија и дека овие врски не се традиционално блиски само во поглед на културата, туку се и економски”, рече Брнабиќ.
Таа додаде дека соработката со Русија е важна, меѓу другото, поради безбедноста на снабдувањето со гас.
„Еден од резултатите од оваа посета е дека ќе имаме поголема сигурност во снабдувањето со гас. Се надевам и на одлуката за инвестирање со кое ќе се прошири гасното складиште Банатски Двор, кое е важно заради оваа безбедност”, додаде Брнабиќ.
Српската премиерка исто така изјави дека Србија има политички гаранции дека нема да биде негативно погодена од воведувањето квоти за увоз на челик во ЕУ, така што српската економија и железарата во Смедерево која е во сопственост на кинеската компанија Хбис, во моментов се сосема безбедни.
„Имаме политички гаранции дека Србија нема да биде негативно погодена од овие квоти, што е во рамките на Договорот за стабилизација и асоцијација што го имаме со ЕУ”, изјави таа за новинарите во Белград.
Како што истакна, од трите релевантни категории во производството на челик на основа на кои се одлучува за квоти, за првата Србија нема да има никакви квоти туку глобалната квота за ЕУ, а за другите две категории веројатно ќе има квоти, но со можност за нивно автоматско подигање.
Таа посочи дека ограничувањето на увозот на челик во ЕУ не е вперено кон Србија и Западниот Балкан, како и нуту против Кина, и дека тие мерки се наметнати.
Како што рече,САД се први што вовеле протекционистички мерки кон ЕУ за пазарот за челик, кој е најчувствителен за ЕУ, бидејќи производството на челик е она на што Унијата се создаде, па мораше да возврати.
Брнабиќ рече дека српската влада повеќе од четири месеци разговарала за квоти за челик со ЕУ.
Железарата во Смедерево е втора на листата на најголеми извозници од Србија, чиј минатогодишен извоз изнесуваше 695 милиони евра.
Капацитетот за производство на челик е 2,2 милиони тони челик годишно. Во 2017 година беа произведени околу 1,5 милиони тони, а 774.000 тони челик беа извезени во ЕУ.
Според планот за производство на железарата во 2018 година, требаше да се произведат повеќе од 1,8 милиони тони и извозот требаше да биде повисок од претходната година.