Британската амбасадорка во Москва повикана на разговор
Амбасадорката на Велика Британија во Москва денеска е повикана на разговор во руското Министерство за надворешни работи, соопшти руското МНР.
Вчера, пак, рускиот амбасадор во Велика Британија беше повикан на разговор.
Во исто време, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска изјави дека Русија ќе соработува со Велика Британија само доколку добие примероци од нервниот агенс за кој се верува дека го отрул Скрипал и неговата ќерка.
Лавров истакна дека Москва ги бара примероците од материјата но оти била одбиена и тоа претставува кршење на Конвенцијата за хемиско оружје.
Во меѓувреме, претседателката на Советот на федерацијата во Горниот дом на рускиот Парламент Валентина Матвијенко изјави дека труењето на Скрипал и неговата ќерка е лажна вест пред претседателските избори во Русија што се закажани за 18 март.
Поранешниот резервен полковник на руското воено разузнавање кој бил врбуван за британското разузнавање МИ6, поради што во 2010 година е осуден за предавство, Сергеј Скрипал и неговата 33-годишна ќерка Јулија од минатата недела се во болница во критична состојба, откако се пронајдени без свест на клупа во градот Солсбери, на југот од Англија.