Босанско-македонскиот проект “Буре барут” со премиера на 27 септември


Претставата “Буре барут” од Дејан Дуковски, големиот копродукциски проект меѓу Македонскиот народен театар, Босанскиот народен театар во Зеница и продуцентската куќа Скопје Филм-студио, својата премиера ќе ја има на 27 септември во Зеница, а набргу потоа и во Скопје.

Од Босанскиот театар посочуваат дека првата фаза од проектот, кој е резултат на Програмата за културна соработка меѓу Министерството за култура на РМ и Босанското министерство, е завршена.

Претставата е режирана од Нина Николиќ, која на македонската публика и е позната по претставите “Неверство”, “Секс, лаги и диви гуски”, “Кој пукаше на 21., како и “Разговори во четири очи”, која е една од македонските претстави со најголем број на гостувања.

Во претставата “Буре барут”, пак, играат актери од Босанскиот народен театар, Адис Михановиќ, Анџела Илиќ, Енес Салковиќ, Мирољуб Мијатовиќ, Мухамед Бахоњиќ…

Драматург на претставата е Драгана Лукан-Николоски од Скопје, сценографијата е на Ведран Хрустановиќ од Сараево, а кореографијата на белгискиот уметник Томас Стјуард. Автор на музиката е Игор Касаповиќ.

“Буре барут” на Дуковски е неговиот најпоставуван драмски текст кој е изведуван и во Грција, Германија, Данска, Холандија, Хрватска, Шведска, Бугарија, па дури и во Јапонија. Тоа е и еден од најнаградуваните македонски драмски текстови, според кој е снимен и истоимениот филм номиниран за српски кандидат за Оскар од неанглиско говорно подрачје.