Боксерот се врати во ринг

Спикерот на македонскиот парламент Талат Џафери вчера вторпат имаше блиска средба со гневните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, и овој пат со нивниот довчерашен лидер Никола Груевски. Груевски, кој изминатите десет години практикуваше другите да му ги вршат нечистите работи, а тој да седи во свилени ракавици, сега реши со Џафери да се пресмета сам. Што стои зад ваквата радикализација на експремиерот кој досега едвај се појавуваше во парламентот, а вчера се обиде да одигра главна улога во најновата потенцијално насилничка епизода на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието? Аналитичарите во земјата се поделени за случувањата вчера во парламентот и за однесувањето на Груевски. Од една страна, не можат да разберат дали тоа беше смислен потег на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ или, пак, Груевски самиот не можеше да премине преку законот што води кон двојазичност во земјата.

Поранешниот пратеник од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Гордан Георгиев, не исклучува ваквиот непримерен и агресивен настап на Груевски да е некаква соло игра, а не дел од стратегијата на пратеничката група на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Ако добро забележавте, не излегоа сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ на говорницата за време на опсадата на Талат Џафери. Координаторот на групата беше необично тивок, а говорот на Илија Димовски не навестуваше вакво сценарио. Ќе се покаже деновиве дали Груевски употребил некое од своите ‘ножиња’, овој пат во грбот на својата партија и нејзиниот нов претседател. Во секој случај, ова е настан од кој изгубија ДМПНЕ, но и СДСМ и ДУИ на долг рок“, ни изјави Георгиев.

Станувањето на Груевски пред масата на Џафери, повиците да престане со ставање Законот за јазици на дневен ред, истурањето вода врз спикерот, исклучувањето на микрофонот, а потоа и кусиот физички контакт беше топ-тема и на социјалните мрежи. И тука мислењата беа различни: едни го поздравуваа „настапот“ на Груевски, други прашуваа каде бил овие три години, трети сметаат дека глуми, четврти бараат со него да се позанимава и правната држава. Доминира статусот дека боксерот се вратил во ринг.

Никола, поведи го народот. Ти простуваме за сите грешки и попуштања под услов овој пат да бидеш со народот со штитот или на штитот“, бара еден од неговите поддржувачи. Ја ограби државата и сега сака да испровоцира меѓуетнички конфликт за да се спаси од затвор“, негодуваат неистомислениците.

Филип Петровски, кој по заминувањето на Никола Груевски од челната позиција на партијата, односно фаворизирањето на Христијан Мицкоски за нов претседател, стана негов најголем критичар е во дилема дали целокупните случувања во парламентот биле фарса.

Законот за албанскиот јазик, кој де факто значи прогласување двојазичност во земјава, мораше да се спречи и се плашам дека не е доволно да се истури една чаша вода или да се предизвика емотивна реакција кај нашите гласачи бидејќи основната цел на Џафери и на непријателите на македонската држава е остварена: Законот е донесен. ‘Испадот’ на Груевски е добредојден, но требаше уште порадикално и требаше сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да се качат на маса. За жал, сега останува претседателот Ѓорѓе Иванов да не го парафира овој неуставен закон и доброволно да предизвика свој импичмент, со што можеби ќе предизвика подлабока политичка криза во државата, но ќе ја подигне свеста за штетноста на законот за двојазичност“, дециден е Петровски.

На прашањето дали гледа дволичност во фактот што токму Груевски кога беше на чело на Владата го постави Џафери како командант на ОНА за министер за одбрана, иако и тогаш имаше силни реакции во јавноста, Петровски одговори дека тоа е една од најголемите грешки во 11-годишното владеење со земјава на ВМРО-ДПМНЕ.

По донесувањето на Законот за јазици со 64 гласа „за“ и ниту еден „воздржан“ и „против“, Џафери се појави на прес-конференција, на која, меѓу другото, се осврна и на однесувањето на Груевски.

Сметам дека нема потреба да го коментирам поранешниот премиер. Секој што имал можност тоа да го види ќе си го каже своето. Од дента кога ја презедов функцијата, свесен бев за предизвиците. Џафери нема да дозволи Собранието да се претвори во сликата од 17 април 2017 година“, подвлече претседателот на Собранието.

Горан Адамовски