Богоески ги остави митаџиите за по изборите

Поранешниот разузнавач, кој со сведочење пред американските власти откри дека тројца политичари од Македонија, поранешниот премиер Владо Бучковски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и поранешниот функционер од ДУИ, Муса Џафери, зеле мито за да го одложат воведувањето на трет мобилен оператор во земјава, вчера не се појави во Кривичниот суд за да сведочи за случајот „Маѓар телеком“.

Вчера наутро околу 8 часот го известил судот дека е спречен да присуствува бидејќи имал обврски како член на работната група во Владата. Со оглед на тоа дека следното рочиште е закажано за на 24 април, а тогаш ќе има други сведоци, рочиштето на кое ќе сведочи Богоески, а треба да биде закажано дополнително, најверојатно ќе биде по изборите.

Тоа значи дека, ако Богоески го повтори она што го кажал пред американските власти, наводните митаџии ќе бидат споменати во неговото сведочење по претседателските избори, кои се закажани за 21 април.

Ако судот го прифати предлогот на адвокатите на еден од обвинетите, во судот како сведок е можно да се појави и поранешниот премиер Бучковски.
Адвокатот на поранешниот директор на „Телеком“, Ненад Јаничевиќ, достави предлог до судот како сведок во овој случај да биде повикан и Бучковски бидејќи од сведочењата на поранешниот директор на бордот на директори на „Телеком“, Дејан Мицковиќ и поранешниот министер Џемаили Мехази произлезе дека тој бил потписник на протоколот за соработка, кој е дел од овој предмет.

„Тој треба да биде повикан за сите реални околности околу протоколот за да одговори што би значел овој протокол за Македонија, какви биле односите Мицковиќ и Мехази со Бучковски и какви биле односите со извршниот директор Атила Сендреи. Бучковски е потписник на протоколот во име на тогашната власт, па затоа бараме Бучковски да биде повикан за да се разјасни и да се утврди правата вистина“, рече Јаничевиќ.

Обвинителката од Специјалното јавно обвинителство, која го води овој случај, Лиле Стефанова, за овој предлог ќе се произнесе на следното рочиште, кога и судот треба да одлучи дали Бучковски ќе биде или не повикан како сведок.

На минатото рочиште Специјалното јавно обвинителство го обелодени неофицијалниот документ, нон пејпер, кој потврдува дека поранешниот премиер Владо Бучковски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и поранешниот министер од редовите на ДУИ, Муса Џафери, зеле 7,5 милиони евра за да го одложат воведувањето на трет мобилен оператор во Македонија.

Овој документ беше цитиран пред јавноста додека обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, му поставуваше прашања на поранешниот министер за транспорт и врски Џемали Мехази, кој беше повикан како сведок.

Бучковски, пак, во изјава за „Независен весник“ предметот го нарече „удбашко-сталинистичка манипулација од кујната на поранешниот разузнавач“, Богоески. Во изјава за „Независен“ вели дека СЈО го злоупотребува случајот за да ги подобри шансите за неговиот финален статус што сега се решава.
„Документот што го покажала обвинителката Стефанова јас го имав во свои раце кога сведочев пред Комисијата од хартии во вредност во Вашингтон во февруари 2014 година. Документ напишан на бел лист хартија без потписи и иницијали. Тоа е удбашко-сталинистичка манипулација. Жалам што СЈО се користи со такви методи. Митаџии нема“, тврди Бучковски.

Во Македонија за овој случај беа поднесени кривични пријави против четири странски државјани уште во декември 2008 година, неколку години пред Американците да го сторат тоа. Обвинети беа генералниот директор на „Македонски телеком“, Атила Сендреј, финансискиот директор Ролф Плат, како и Михаил Кефалојанис и Золтан Кешиус. Но кратко потоа тужбата за еден од нив е повлечена.

Преговорите за остварување на шемата, преку грчка фирма се случувале од декември до мај 2005 година и резултирале со два тајни договори. Првиот бил „Протокол за соработка“, каде што се наведени отстапките кои ќе ги направат македонските власти и што ќе добијат за возврат. Во вториот договор „Нон пејпер“ се наведува митото од 19,5 милиони евра. Но биле исплатени 4,8 милиони евра бидејќи шемата била откриена.

Сепак, со откривањето на нон пепјепрот, во кој се открива кој зел мито, СЈО даде сигнали дека цели кон Бучковски и функционерите од ДУИ, но засега е неизвесно дали СЈО ќе го докаже ова.

Фросина Факова – Серафиновиќ