Бисери

ЛЕЈЛА САБИТ

Во светот се најчесто околу вратот на жената.

Симбол на елеганција, стил, потекло, статус, традиција, наследени, подарени, со ќеф купени.

Природни, култивирани, морски, речни, јапонски, охридски, скапоцени, рариретни, бели, црни…

Кај нас најчесто излегуваат од устата.

Симбол на незнаење, на сеир, простаклак, лажна моќ, секој час, секој ден, официјално, неофицијално, на социјалните мрежи, на ти и на Вие.

На познати, на непознати, на славни, на анонимни, на граѓани, на ВИП фаци, писмени, неписмени, угледни, омаловажени, пријатели, непријатели, на политичари, на пратеници, на министри, на градоначалници, на бизнисмени, на стопанственици, на директори, на културњаци, спортисти, поп-пејачи, на водители, на манекенки, …

Природно, спонтано, случајно, или намерно.

Смешни, навредливи, под секоја чест, за мајтап, за вицови, раритетни, бисер до бисер, како што вели народот.

За оние од устата, а не од вратот.

Ова е време на кич, а не на вкус, на фалсификат, а не на оригинал.

Нема веќе почит, домашно воспитување, кој си, од кај си, или чиј си.

Никој стана некој, некој сакаат да го направат никој, сѐ се врти околу, власт, моќ, пари, функција, интерес, никој не спомнува чест, правда, карактер, човечност или хуманост.

Никој не внимава на речникот, на пригодата, на соговорникот, на гостите, на протоколот, на придонесот на живите, на мртвите, на основоположниците, сите мислат за сега, никој не се навраќа во минатото или предвидува за иднината. Секое чудо за три дена, моето гајле е и твое гајле, мојата заслуга е само моја победа. Сите викаат дај, ретко кој ќе каже-земи.

Тие што знаат, се сеќаваат, тие што не знаат им раскажуваат, нашата генерација живееше според стандарди, новава според Фејсбук и во време на лажни вредности.

Сѐ се мери со брендови, ретко на која дама ќе забележите бисери.

И Гренланд почна да се топи, и покрај златниот лажен сјај, во некоја школка или човек сепак ќе пронајдете вистински бисер!

Мал, ама вреден, достоен за носење или дружење!