„Бикини Мун“ на Манчевски освои награда во Португалија


Петтиот филм на режисерот Милчо Манчевски „Бикини Мун“ ја освои специјалната награда на жирито на фестивалот Фантаспорто во Порто, Португалија, каде изминатава недела ја имаше својата европска премиера.

Ова е прва награда за најновиот филм на најнаградуваниот македонски режисер и тоа на фестивалот на кој пред две години Манчевски беше лауреат на наградата за животно дело.

„Бикини Мун“ премиерно игра во САД, каде завчера имаше американска премиера на фестивалот „Синеквест“ во Сан Хозе, Калифорнија.

„Филмот доби одлични рецезии по премиерата на ‘Синеквест‘: ‘Бикини Мун‘ е воодушевувачки брилијантен филм‘, ‘Целосно свежо и оригинално дело на режисерски маестро‘, ‘Ова е филм каков што ‘Обликот на водата’ сакал да биде, ама не знаел како‘“, напиша меѓу другото американската критика, наведува „Банана филм“.

Во текот на месецов „Бикини Мун“ ќе игра и на еден од најголемите американски фестивали на независен филм во Сарасота, а во Европа ќе се прикаже и на фестивалот во Софија и Истанбул.