Бегство според Устав и закон

Ѓорѓи Спасов

Откако помина викендот, кога доставувачите на покани за издржување казна на осудените лица не работат, многубројни телевизиски екипи и полицијата ја започнаа акцијата „Спроведување на осудениот Груевски во затвор“. Многубројната публика седната пред екраните гледаше како го бараат во неговиот дом од кој „излегол“, па по автомобилите кои влегуваа и излегуваа од седиштето на неговата партија, и известуваа до доцните часови од пред влезот на затворот во Шутка, како пред Божик или пред Велигден, дека „сè уште не пристигнал“, но дека „радосната вест“ може набргу да биде објавена.

И тамам кога сите веќе се загриживме да не му се случило нешто лошо, поранешниот премиер на Македонија и почесен претседател на најголемата опозициска партија ни испрати порака преку Фејсбук дека е здрав и жив и дека од пред неколку дена се наоѓа во убавата Будимпешта, во која има намера да престојува малку подолго и од каде што ќе продолжи да се бори за македонската кауза.

Не кажа нашиот омилен лик од серијата „Владеење на правото“ зошто така напразно заминал без поздрав, без да земе топла облека, и зошто не кажа барем да му се организира превозот како што треба, а не да се мачи, како што се шпекулира, да ја напушта земјата преку некои диви гранични премини, не дај боже како „бегалец од Сирија“. Но барем ја разбравме причината. Покрај шесте припадници на полицијата, кои беа платени од државата да внимаваат нешто да не му се случи на човекот по завршувањето на премиерскиот мандат во Македонија, тој изјави да во последните неколку дена пред да замине примал безброј закани по неговиот живот. И бидејќи веќе не се чувствувал безбедно во Македонија, а знаеме дека кај нас луѓе во затворите и во кофа вода „ги самоубиваат“ решил со тешко срце да ја напушти својата татковина и така Македонија да се соочи со уште еден заминат од земјата доктор на науки со што продолжува веќе познатиот „одлив на мозоци“.

На ваквата тажна вест за Македонија веднаш реагираше претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери. Тој рече дека, за жал, по ова ненадејно заминување на Груевски во Унгарија, нема да биде во можност неговото отсуство од седниците на Собранието, како досега, да го води како оправдано. Тој рече дека отсега Груевски ќе го смета за неоправдано отсутен и дека пратеничката плата во висина од над илјада евра што ќе му ја исплаќа редовно следните шест месеци на неговата кредитна картичка ќе мора да му ја намали за цели 5 отсто.

Премиерот Зоран Заев изјави дека тоа што Груевски нè напушти без поздрав и без да каже, прво не е фер кон државата, кон судовите и особено кон Оливер Спасовски. Го нарече бегалецот „кукавица“, односно плашливец кој бега од затвор, човек кој за да се спаси го напуштил дури и своето семејство, па и својата мајка Нада. Наместо да се жртвува како „гемиџија“ за правда во Македонија, тој ги оставил своите соборци по затворите во Македонија и побегнал како Павел Шатев во филмот за „Солунските атентатори“.

Но премиерот и овој пат изјави дека тој е оптимист како и секогаш. И рече дека, иако и сега многумина не веруваат, тој е сигурен дека еден ден Груевски сепак ќе си ја одлежи казната затвор што судовите му ја имаат изречено.

Оливер Спасовски рече дека за бегството полицијата не е виновна. Таа како и секогаш, откако е сменета власта, постапува само според Устав и закон. Нејзе не ѝ паѓа на памет да го следи движењето на некого кој треба да прими покана за одење во затвор дури и кога го нема. Полицијата ги контролира официјалните гранични премини на кои тој не поминал, а за поминување на нелегалните или диви премини преку границата не може да биде одговорна полицијата. Нив ги чуваат кучиња и евентуално некое куче може да биде одговорно. Од друга страна, судот не ѝ доставил на полицијата барање за притвор, а судовите тоа не можеле да го сторат без барање од Специјалното јавно обвинителство кое го води случајот. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева изјави дека не било потребно да се бара притвор за Груевски пред да избега бидејќи такво барање веќе било одбиено од судовите пред една година, а од друга страна тој до последен момент „не покажувал знаци на човек кој има намера да побегне“ и редовно си доаѓал на судења, во Собранието, и се јавувал во полицијата секој петок, освен последниот.

Сè на сè, разбравме дека за бегството на Груевски институциите не се одговорни, како што не беа одговорни ниту кога во Грција побегнаа Горан Грујовски и Никола Бошковски, обвинети за нелегалните прислушувањата, ниту кога побегна Сеат Кочан од мерката притвор и кој се криеше сè додека Врховниот суд не му ја укина таа мерка.

И јас се согласувам дека можеби сите институции на државата постапувале само според Устав и закон во овој случај.     Но сето тоа личи на она тврдење со кое луѓето се мајтапат кога велат „Операцијата е успешна, но пациентот е мртов“.

Со други зборови, операцијата на државата за изведување на Груевски пред лицето на правдата е успешна, но тој е во бегство и за сега е недостапен за неа. А тоа е срам за државата. Тоа ја поткопува довербата на граѓаните во способноста на власта.

Приказната дека такво нешто може да ѝ се случи на секоја држава, како што ѝ се случи и на Хрватска во случајот со поранешниот премиер Иво Санадер, малку ја релативизира одговорноста, но и ѝ натаму остава простор за сомневања во способноста на власта да испорача резултати во областа на владеењето на правото.

А, тоа треба да ја загрижи Владата и да соопшти дека сериозно ќе ги провери евентуалните пропусти на институциите во врска со бегството на Никола Груевски и дека ќе преземе мерки за такви нешта да не се случуваат во иднина.

Не мора никој да поднесува оставки. Не мора Владата да си поднесува оставка и да се формира експертска влада, како што бара опозицијата. Ама малку самокритика не е на одмет.

Нека кажат барем дека: „Владата не се чувствува одговорна за тоа што на најголемата опозициска партија ѝ побегнал од земјата нејзиниот почесен претседател и верен пратеник кој гласаше против договорот со Грција, но се чувствува одговорна за тоа што не презела мерки, осудениот поранешен премиер на Македонија, наместо на отслужување на казната затвор во Шутка, пред чија врата го чекаа нестрпливо и упорно многубројните новинари за правење на ексклузивнана приказна, тој преку нелегални премини на границата побегнал од Македонија“.

И нека објави дека за секој побегнат член на ВМРО-ДПМНЕ од земјата по двајца од другите обвинети веднаш ќе влегуваат во затвор.

Останува да се надеваме дека побегнатите Горан Грујовски и Никола Бошковски, кои исто така имаа намера да стигнат до Унгарија, нема да успеат во тоа и таму со Никола Груевски да формираат задграничен комитет на ВМРО-ДПМНЕ за одбрана на каузата за Македонија.

Од Мицковски се очекува да не бара од Груевски поднесување оставка на функцијата пратеник во Собранието. Прво од причина што според законот ќе мора лично да ја образложи, а тоа сега е незгодно. И второ, некое време на човекот ќе му треба пратеничката плата додека се снајде во новата улога на бегалец кој бара азил заради политички прогон во својата земја. А ако му биде одобрен азил на Груевски од земја членка на Европската Унија, тоа за Мицковски ќе биде и клучниот доказ дека власта врши политички прогон и доволен доказ да ги прогласи сите обвинети од СЈО за жртви на „режимот“ на Заев.