Бакојани: Турците ги охрабрија Скопјаните да не направат отстапки за основните прашања
Перспективите за сериозно решавање на прашањето за името сѐ повеќе се намалуваат, смета поранешната шефица на грчката дипломатија Дора Бакојани, која во интервју за радиото „Real fm“ вели дека грчката влада имала вистинска можност да го реши проблемот, но со начинот на кој управуваше со прашањето, сега води кон ќор-сокак.
– Сакам да бидам јасна дека можноста ќе можеше да се искористи и ќе имавме позитивен резултат, ако имавме една сериозна влада. Во овој момент имаме владино мнозинство поделено во три дела, рече Бакојани.
Според неа, јавува дописникот на МИА од Атина, една од главните грешки на актуелната грчка влада се позицијата на коалицискиот партнер Панос Каменос и одлуката да не се создаде национална стратегија заедно со останатите партии. Резултат на тоа, како што рече Бакојани, беше Грците да немаат доверба во Ципрас да преговара, но и да се вмешаат и трети страни.
– Тоа го искористија и други сили, читај: Турците, влегоа на средина и ги охрабрија Скопјаните да не направат отстапки за основните прашања како што е Уставот, што е и предуслов, а резултатот е денес да имаме пораст на национализмот и во Грција и во ПЈРМ и секако перспективите за едно сериозно решавање на прашањето сѐ повеќе се намалуваат, додаде поранешната шефица на грчката дипломатија, а сега пратеник во Нова демократија, во интервјуто за грчкото радио.