Ахмети не сака да се пазари за министерските места
„Битката“ меѓу двете крила на движењето Беса за влез во Владата продолжува. Лидерите и на двете Беси, Билал Касами и Африм Гаши, веќе се сретнаа со премиерот Зоран Заев и главна тема на разговор беше вклучувањето во владината структура и засилување на парламентарното мнозинство.
Крилото со кое раководи Билал Касами во емисија за ТВ21 кажа дека преговорите со Заев за влез во Владата се во напредна фаза и останува да се договорат само уште неколку формални детали и наскоро, според него, неговата партија официјално ќе стане дел од власта.
„На средбата со премиерот се согласивме дека има заемна спремност движењето Беса да стане дел од Владата. На следната средба, која е планирана да се реализира во почетокот од наредната недела, останува само да се договориме за делот од конкретните задачи кои движењето Беса ќе ги има во Владата“, рече Касами. Сепак, на прашање кои услови ги бара за неговата партија да пристапи кон владиниот кабинет, немаше прецизен одговор, туку само потенцираше дека моментално се разговара само за идеи и ставови бидејќи, според него, влада не се составува преку поставување разни услови.
Дека е можно и другото крило на оваа партија да стане дел од владата потврди првиот човек на скопското крило на Беса, Африм Гаши.
„Имавме неколку средби со премиерот и разговаравме за принципите на заедничко работење. Тоа значи дека фокус се програмските определби, а техничките работи се полесни. Поради преговорите за името и влезот во ЕУ, сакаме да сме дел од оваа Влада. Беса не разговарала за преземање на Министерството за правда, но Гаши вели дека партијата има кадри за сите институции. За влезот на другото крило на Беса во Владата, Гаши е категоричен дека не сака споровите што ги имаат меѓу себе да ги пренесат во владиниот кабинет. Гаши, сепак, му остави на Заев да го каже последниот збор.
„Заев го има последниот збор. Ќе мора да избере меѓу двете крила“, тврди Гаши.
Како и Касами, така и Гаши не сакаше да одговори кои услови му ги поставиле на премиерот. Гаши додаде дека Македонија сега и во наредниот период нема потреба од партии кои ќе поставуваат услови бидејќи пред земјава се големи и крупни прашања и фракцијата заедно со своите тројца пратеници се подготвени да ѝ помогнат Македонија да се движи напред и да биде пример во регионот.
Во врска со се поизвесното вклучување на една или двете фракции на Беса во Владата се изјасни и ДУИ. Првиот човек на интегративците, Али Ахмети, рече е нормално неговата партија како коалициски партнер да знае што се случува со владиниот состав, дека ДУИ е сериозна партија и не навлегува во игрите дали би оставиле или не некое министерство за другите партии во Владата.
„Секако, не сме само гледачи, туку сме директни учесници во политиката и одлуките. Јас не сум продавач на Бит-пазар или на Камениот мост за да играм со Владата околу тоа ќе даде ли некое министерство или не“, рече Ахмети.
Блерим Исмаили