Ахмети до Гарет: Со Законот за јазици се заокружува Рамковниот договор

Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска се сретна со британскиот амбасадор во земјава Чарлс Гарет, при што разговарале за политичките активности во земјата и регионот, за Законот за јазиците, за состанокот на претседателството на ДУИ, како и за евроатланската интеграција на земјава.

Ахмети, како што соопштуваат од ДУИ, истакнал дека со усвојувањето на Законот за јазиците се заокружува нормативниот дел од Охридскиот договор, кој е загарантиран од ЕУ, САД, НАТО и ОБСЕ.

– Општеството и политичките лидери треба да продолжат со посветеноста кон усвојување и спроведување на системските реформи како и да се постигне достоинствен компромис со Грција во врска со спорот за името, било оценето на средбата.

Соговорниците констатирале дека од услехот на овие две прашања зависи нашиот пат кон ЕУ и НАТО кој овозможува одржлив мир, безбедност и стабилност, но и благосостојба и економски развој.

Ахмети го запознал британскиот амбасадор дека ДУИ заокружила едно поглавје од нејзината политичка активност и почнала да ја гради утрешнината на партијата, се наведува во партиското соопштение.