Анѓушев: Размислуваме за замрзнување на придонесите на текстилните и кожарските работници

Владата размислува за мерката за замрзнување на придонесите на работниците во текстилната и кожарската индустрија. Ова денеска го најави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на трибината „Перспективите на македонската економија преку членство во НАТО и ЕУ“, во организација на Стопанската комора на Македонија.

Пред работодавачите од Штип и од источниот регион тој појасни дека подолго време разговарале и правеле анализи со претставниците на текстилните и кожарските компании, кои се најзагрозени од светската конкуренција.

– Размислуваме како да обезбедиме од една страна да растат нето платите на вработените, а од друга страна да нема негативен ефект врз буџетот, а со самото тоа да се обезбеди опстанување на овие компании и нивна конкурентноста на светските пазари. Една од тие мерки е и можноста да се замрзнат придонесите за овие две индустрии, а притоа тие да ги растат нето платите. Нормално тука не станува збор за персоналниот данок, тој и понатаму ќе остане, бидејќи е на персоналните примања. Додека сите останати придонеси би можеле да размислиме да ги замрзнеме. Тоа неколку пати премиерот го спомнуваше, како опција. Размислуваме сериозно во тој правец и доколку сите се усогласиме и во Владата и во стопанството дека е тоа мерка што ќе даде резултат. Јас лично ќе бидам поддржувач на таа мерка, истакна Анѓушев.

Вицепремерот посочи доколку постојат усогласени ставови за оваа мерка, во тој случај таа би почнала да се применува од следната година.